Islam Doğru
16 Јуни 2021•Ажурирај: 17 Јуни 2021
ЊУЈОРК (АА) - Властите во Њујорк синоќа донесоа одлука да ги укинат речиси сите рестриктивни мерки воведени во рамките на борбата против пандемијата на Ковид-19, а тоа беше одбележано со спектакуларен огномет, јавува Агенција Анадолија (АА).
Гувернерот на Њујорк, Ендрју Куомо, изјави дека е остварена целта на процесот за имунизација и дека над 70 отсто од граѓаните на сојузната американска држава ја примиле вакцината против коронавирусот.
Куомо рече дека поради тоа се укинуваат речиси сите рестриктивни мерки во Њујорк.
„Денес е 472. ден од борбата против пандемијата на Ковид-19. Од денеска се враќаме во нормален живот. Тоа е многу важно и го заслуживме тоа по толку долгиот пат“, рече Куомо.
Њујорк во неколку наврати беше епицентар на пандемијата во Соединетите Американски Држави (САД), а Куомо рече дека 15-месечната борба вроди со плод и дека жителите на Њујорк од таа борба излегуваат уште посилни.
Истакнувајќи дека веќе нема потреба од маски, тријажа, физичко растојание и ограничувања на собирите на луѓе, Куомо рече дека на епидемиолошките протоколи, сепак, треба да се придржуваат оние кои не се вакцинирани.
Куомо истакна дека укинувањето на рестриктивните мерки претставува чин на победа над пандемијата и дека затоа на десет локации во Њујорк е организиран огномет.
САД спроведуваат масовна имунизација против коронавирусот и досега во 15 сојузни држави, меѓу кои и градот Вашингтон, вакцинирани се над 70 отсто од популацијата. Во вакцинацијата предничи државата Вермонт со 84 проценти на вакцинирани.