Fahri Aksüt
22 Септември 2020•Ажурирај: 24 Септември 2020
ТОКИО (АА) - Јапонска компанија пронајде ултравиолетова ламба што може да ги дезинфицира затворените простори и да го уништи коронавирусот без да му наштети на човековото здравје, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во заедничка соработка, производителот на светилки „Ushio Inc.“ и Универзитетот „Колумбија“ ја развија УВ-ламбата „Care 222“, првиот прочистувач на затворени простории во светот против Ковид-19, објавија денес локалните медиуми.
Пронајдокот може да се користи во простории во кои постои висок ризик за луѓето да се заразат со вирусот, како што се автобусите, возовите, лифтовите и канцелариите.
Компанијата соопшти дека наспроти вообичаената бранова должина од 254 нанометри, што е штетна за здравјето на луѓето, новата ламба емитува УВ-зраци со бранова должина од 222 нанометри и го убива вирусот без да му наштети на човековото здравје.
Компанијата исто така тврди дека во оваа специфична бранова должина, УВ-зраците не можат да предизвикаат генетски нарушувања и други оштетувања, како што се ракот на кожата и губењето на видот.
„Care 222“ дезинфицира 99 отсто од вирусите и бактериите во воздухот во рок од шест до седум минути.
Ламбата делува на простор од 3 квадратни метри на површината на предметите.
Компанијата соопшти дека Универзитетот во Хирошима потврдил дека УВ-зраците од 222 нанометри се ефикасни во дезинфекцијата на Ковид-19.
Цената на ламбата ќе биде 2.870 долари, а компанијата соопшти дека засега ќе прима нарачки само од здравствените установи.