Ahmet Furkan Mercan
23 Април 2021•Ажурирај: 24 Април 2021
ТОКИО (АА) - Повторно ќе биде прогласена вонредна состојба во јапонскиот главен град Токио и некои префектури поради зголемувањето на бројката на заразени со новиот тип на коронавирусот (Ковид-19), пренесува Агенција Анадолија (АА).
Нишимура Јасутоши, член на јапонската Влада одговорен за мерките против Ковид-19, одржа прес-конференција на која информира за бројката на заразени со Ковид-19 и со неговите варијанти кој повторно се зголемува низ целата земја.
Осврнувајќи се на важноста на вонредната состојба во борбата против епидемијата, Нишимура рече: „Треба да преземеме посилни мерки за да се стават под контрола варијантите на коронавирусот кои имаат големо инфективно дејство.“
Изразувајќи загриженост поради наближувањето на периодот на празниците „Златна недела“ и можноста од значително зголемување на бројот на новозаразени во периодот од 29 април до 5 мај, Нишимура ја повика јавноста да остане во своите домови.
Според веста што ја објави агенцијата „Кјодо“, заснована врз владини извори, премиерот Суга Јошихиде ќе ја објави одлуката што ќе се спроведе во земјата по препорака што ќе ја даде владиниот Советодавен комитет за Ковид-19.
- Претходно вонредна состојба беше воведувана двапати -
Вонредната состојба која во главниот град Токио, Осака, Хјого и Кјото ќе стапи во сила во недела навечер на 25 април, ќе трае до 11 мај.
Во рамките на вонредната состојба, ќе бидат забранети групните активности, како што се спортските и културните настани. Услугите за јавен превоз ќе бидат рано запрени.
Од трговските центри ќе биде побарано да престанат со работа, освен во сутрените каде што се продаваат продукти за дневна потреба.
Вонредна состојба во различни делови на Јапонија претходно беше воведувана двапати, во април 2020 година и јануари 2021 година.
Бројот на заразени со Ковид-19 во Јапонија во моментов изнесува 553.749, додека бројката на смртни случаи предизвикани од коронавирусот се искачи на 9.829 лица. На територијата на Јапонија во одделенијата за интензивна нега под медицински третман од Ковид-19 се наоѓаат 805 лица.