Ekipa
23 Април 2021•Ажурирај: 24 Април 2021
ЊУ ДЕЛХИ (АА) - Индија денеска забележа 332.730 нови случаи на заразување со коронавирусот, што е најголем дневен пораст во светот од почетокот на пандемијата, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Индиското Министерство за здравство соопшти дека во последните 24 часа од последици на коронавирусот починале 2.263 лица, а дека вкупниот број на заразени од почетокот на пандемијата надминал 16 милиони.
Ова е втор ден по ред во земјата да бидат регистрирани повеќе од 300.000 новозаразени во еден ден.
Рекордниот број на новозаразени го разниша здравствениот систем на Индија, што доведе до криза со снабдувањето со кислород, недостиг на кревети и лекови.
Болниците низ северна и западна Индија, вклучувајќи ги и болниците во престолнината Њу Делхи, издадоа предупредувања во врска со залихите на кислород кој се користи за лекување на пациентите заразени со Ковид-19.
Индискиот премиер Нарендра Моди би требало денеска да одржи состаноци за да ја разгледа ситуацијата со коронавирусот во земјата.
Индија од почетокот на април бележи најголеми дневни бројки на новозаразени со коронавирусот во светот, а опозицијата во таа земја ја обвинува Владата за лошо раководење со кризата.
На почетокот на февруари, дневниот број на новозаразени лица беше намален на 8.500, а потоа дојде до прогресивно влошување на епидемиолошката слика. Одобрувањето на политички митинзи и верски фестивали е потег што наиде на големи критики во Индија.
Од први мај во Индија ќе започне масовна вакцинација на сите полнолетни граѓани во таа земја, а вакцината против Ковид-19 веќе ја примија повеќе од 130 милиони луѓе.