Ekipa
05 Април 2020•Ажурирај: 06 Април 2020
ОВИЕДО (АА) - Веќе втор ден по ред Шпанија бележи значителен пад на дневниот број на смртни случаи од коронавирусот, кој во последните 24 часа изнесува 674, јавува Агенција Анадолија (АА).
Досега во земјата починаа вкупно 12.418 лица, а регистрирани се 130.759 потврдени случаи.
Шпанските власти неодамна посочија дека земјата е на работ да го достигне врвот на новозаразени, но земјата сè уште е подготвена за иден пик на смртните случаи.
Податоците објавени од шпанската Влада се однесуваат на луѓето што починале откако им бил дијагностициран вирусот, но вистинските бројки би можеле да бидат многу повисоки, бидејќи стотици, па дури и илјадници умираат недијагностицирани во старечките домови.
Владините податоци објавени вчера покажуваат дека речиси 87 отсто од сите смртни случаи се лица над 70 години. Мажите исто така починале со многу поголем сооднос (1,73) отколку жените.
Во Шпанија се хоспитализирани над 57.600 лица поради компликации предизвикани од вирусот.
Во саботата, шпанскиот премиер Педро Санчез соопшти дека Владата ќе ја продолжи вонредната состојба во земјата барем до 25 април.
Заедно, Шпанија и Италија моментално учествуваат со околу 43 отсто во вкупните смртни случаи од Ковид-19 во светот.