Tevfik Durul
05 Мај 2020•Ажурирај: 07 Мај 2020
АНКАРА (АА) - Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, истакна дека досега во Турција донесени се вкупно 65.000 турски државјани од 103 земји, во рамките на борбата против пандемијата на коронавирусот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Чавушоглу на прес-конференцијата одржана во Центарот за поддршка и координација на Ковид-19 при турското Министерство за надворешни работи се осврна на актуелните прашања.
Истакнувајќи дека мерките преземени во борбата против Ковид-19 и спроведените успешни активности во Турција преставуваат модел за целиот свет, Чавушоглу рече дека овој процес покажа колку е моќен здравствениот систем на Турција.
Чавушоглу нагласи дека Турција, водејќи борба против Ковид-19 во земјата, исто така помагала и во странство.
Тој рече дека на барањата за помош од другите земји, Турција се обидела да одговори земајќи ги во предвид сопствените потреби.
Турскиот министер се осврна и на активностите направени во однос на доведувањето на турските државјани кои живеат во странство.
„Со раширувањето на пандемијата почнаа да стигнуваат барања за евакуација во Турција. Досега во Турција донесовме вкупно 65.000 турски државјани од 103 земји. Со инструкции на претседателот Реџеп Таип Ердоган, на 16 април соопштивме дека започнавме со втората фаза за евакуација. Од тој ден до денес од 83 земји, со 157 летови, околу 30.000 наши државјани ги донесовме во нашата земја. И во наредните денови ќе продолжиме да донесуваме наши државјани“, нагласи турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу.
Тој исто така истакна дека досега во странство од Ковид-19 починале 473 турски државјани.