Selman Aksünger
29 Ноември 2021•Ажурирај: 30 Ноември 2021
АМСТЕРДАМ
Во обид да ја напуштат земјата со авион за Шпанија, во Холандија се фатени две лица кои биле задржани во карантин поради сомневање дека се носители на варијантата Омикрон на Ковид-19, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението што Кралската холандска полиција го објави на својот официјален профил на социјалната мрежа Твитер се истакнува дека двајца од 61 патник кои пристигнале од Јужна Африка на 26 ноември и биле задржани во карантин поради позитивен тест на Ковид-19 се фатени во обид да отпатуваат во Шпанија.
Во продолжение се наведува дека лицата се фатени додека авионот полетувал за Шпанија. Лицата се предадени на здравствени служби (GGD) поврзани со општината за да продолжат со карантинот.
Не е познато како парот, едниот од Шпанија, а другиот од Португалија, избегале од хотелот каде се наоѓале во карантин во близина на аеродромот Схипхол.
Надлежните во изјава за локалните медиуми истакнаа дека се изненадени од тоа како избегале и дека влезот и излезот од хотелот е забранет.
По завршувањето на карантинот, против парот ќе биде покрената истрага за прекршување на правилата за карантин.
- Варијанта Омикрон на Ковид-19 е забележана кај 13 лица
Државниот институт за здравје и животна средина, поврзан со холандското Министерство за здравство, соопшти дека 624 патници кои од Јужна Африка се вратиле во Холандија, на 26 ноември биле тестирани за Ковид-19 на аеродромот Схипхол, а 61 од нив биле позитивни.
Се додава дека варијантата Омикрон е регистрирана кај 13 од 61 лице чиј тест бил позитивен.