Duygu Yener
07 Мај 2020•Ажурирај: 08 Мај 2020
АНКАРА
Универзитетот за здравствени науки (SBÜ) во соработка со VSY Индустријата за биотехнологија и фармација (VSY Biyoteknoloji ve İlaç Sanayi AŞ) развија лек под име „TR-C 19“, кој стана надеж за активните болни заразени со Ковид-19. Ректорот на Универзитетот за здравствени науки, проф. д-р Џевдет Ердол, информира дека лекот е подготвен да се тестира врз болни кои доброволно се пријавиле, додавајќи дека за кусо време се планира лекот да биде регистриран.
Проф. д-р Џевдет Ердол во изјавата за АА истакна дека забрзано работат на производството на лек за новиот тип коронавирус кој претставува сериозна закана за здравјето на светската популација и додаде дека на тоа поле Турција направила многу значајни чекори.
Проф. д-р Ердол, зборувајќи дека соработката универзитет - индустрија, која е потребна за голем број пронајдоци на полето на здравството, во ова време на пандемија на Ковид-19 има многу поголемо значење од кога било, истакна: „Овие денови кога минуваме низ еден голем тест, низ една историска пресвртна точка, на глобалната сцена даваме редок пример на солидарност на држава нација заедно со сите наши јавни и приватни институции и без да потклекнеме, без да се предадеме, продолжуваме по нашиот пат.“
Проф. д-р Ердол, посочувајќи дека Универзитетот за здравствени науки со своите 58 образовни и истражувачки болници има протокол за припадност кон Министерството за здравство, покажа дека одбраната на државата не се одвива само на фронтот. Истакна дека академскиот кадар, застанувајќи во првите редови против заразата, храбро и посветено ја извршил својата должност.
- Студиите на „Ис-Ра“ (Ar-Ge Истражување-развивање) вродија со плод
Со свеста за целосна мобилизација со цел да се обезбеди мониторинг и контрола на заразата и да ѝ се служи на нацијата, проф. д-р Ердол рече дека ги забрзале активностите во „Ис-Ра“, а фазата до која се дојдени во врска со развојот на лекот ја раскажа со зборовите:
„Во тој контекст, како резултат на истражувањата што ги спроведуваме, би сакал да кажам дека лекот што го произведовме, под име TR-C 19, е поддржан од страна на Претседателството на Институтите за здравство на Турција (TÜSEB), кој е дел од Министерството за здравство. Благодарение на работата на „Ис-Ра“, успеавме да го неутрализираме вирусот Ковид-19 кој претходно беше изолиран во лабораторија и целосно е подготвен да се примени кај пациентите доброволци кои се позитивни на Ковид-19. Во врска со ова прашање ги чекаме потребните дозволи и за кусо време планираме регистрација на TR-C 19. Во оваа пригода би сакал да им се заблагодарам на посветените вработени на Универзитетот за здравствени науки, VSY Индустријата за биотехнологија и фармација, Институтот за здравство на Турција, Генералниот директорат при Министерството за здравство, „Ис-Ра Антимикроб“, Центарот за анализа на биоциди и на сите кои го дадоа својот придонес во ова.“
- „TR-C 19 е еден од најзначајните истражувања на лекови“
Д-р Ерџан Варлибаш, претседател на Управниот одбор на VSY Индустријата за биотехнологија и фармација, истакна дека го ставиле во употреба сиот свој потенцијал со цел да ѝ помогнат на Турција да се ослободи од овие проблематични денови во кои се соочува со заразата.
Д-р Ерџан Варлибаш истакна:
„Како VSY Биотехнологија досега со нашата „Ис-Ра“ и иновациска моќ, со нашата иновативна структура, ние сме пионери во светот и досега реализиравме голем број проекти на „Ис-Ра“. На луѓето во полето на здравството, непрекинато им ги нудиме нашите услуги во 66 земји од светот. Многу сме среќни што со нашите успешни проекти ја претставуваме нашата земја низ целиот свет. Еден од нашите најзначајни проекти се активностите што ги водиме за лекот TR-C 19 против новиот тип коронавирус кој денес претставува сериозна закана во целиот свет. Благодарение на извонредната соработка со Универзитетот за здравствени науки, за многу кусо време стасавме до фазата за тестирање на лекот врз пациентите кај кои вирусот е активен. Се разбира дека наша најголема желба како VSY Биотехнологија е лекот TR-C 19 да биде од корист за нашата земја, за нашиот народ и за целиот свет. Се надевам дека TR-C 19 ќе биде лек кој ќе ги излекува заболените. Сигурен сум дека, солидализирајќи се, Турција, заедно со сите нејзини институции ќе успее да ги надмине овие тешки денови. Во тој поглед, како VSY Биотехнологија, ги вложуваме сите наши напори за да го покажеме тоа.“
Ректорот проф. д-р Ердол и д-р Варлибаш информираа дека за многу кус период со јавноста ќе ги споделат информациите за развојот на TR-C 19.