Associated Press
05 Декември 2021•Ажурирај: 06 Декември 2021
БРИСЕЛ
Стотици луѓе маршираа денес во центарот на Брисел во знак на протест поради заострените мерки против Ковид-19 што ги воведе Владата на Белгија за да се спротивстави на најновиот пораст на случаите на коронавирусот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Учесниците на маршот протестираа против мерките што се најавени во петокот.
Извикувајќи „Слобода, слобода“ и носејќи транспаренти на кои пишуваше: „Обединети за нашата слобода, права и нашите деца“, луѓето маршираа до седиштето на Европската Унија.
Некои исто така носеа натписи со критика за вакцините и против воведување задолжителна вакцинација против коронавирусот.
Премиерот Александер де Кро во петокот најави дека градинките и основните училишта ќе се затворат за празниците седум дена порано, а децата од шест години сега мораат да носат маски. Настаните во затворено ќе бидат дозволени со најмногу 200 луѓе.
Претходно Владата ги затвори ноќните клубови и нареди затворање на баровите и рестораните во 23 часот. Се шпекулираше дека времето на затворање ќе биде поместено на 20 часот.
Во неделниот просек, пријавени се 17.862 нови случаи на дневно ниво, што е пораст од шест проценти во однос на претходната недела.
Бројот на приеми во болница порасна за четири проценти. Повеќе од 3.700 луѓе се наоѓаат во болниците, од кои 821 на одделите за интензивна нега.
Во Белгија повеќе од 27.000 луѓе починале како последица на заразата со коронавирусот од почетокот на пандемијата минатата година.