Büşra Selvi Öğütcen
29 Март 2020•Ажурирај: 30 Март 2020
ТОРОНТО (АА) - Софи Трудо, сопругата на канадскиот премиер Џастин Трудо, се излекува од коронавирусот (Ковид-19), пренесува Агенција Анадолија (AA).
„Се чувствувам многу подобро и мојот доктор во Отава потврди дека болеста поминала“, напиша Софи Трудо на својот фејсбук-профил.
Таа ги повика Канаѓаните да останат во своите домови за да го спречат ширењето на коронавирусот и да се поврзуваат меѓусебно преку технологијата наместо преку личен контакт.
„Длабоко сум уверена дека науката и сочувството ќе нè извлечат од оваа криза. Тоа значи, слушајте и следете ги здравствените упатства и одредено време останете дома“, напиша таа.
Софи Трудо беше во самоизолација откако во средината на март по посетата на Лондон тестот покажа дека е заразена со коронавирусот.
Нејзиниот сопруг, канадскиот премиер Џастин Трудо, потоа објави дека во самоизолација ќе работи оддома, иако не покажуваше никакви симптоми.
Во Канада од коронавирусот досега починаа 60 лица, додека регистрирани се 5.655 случаи на заразени со вирусот и 508 излекувани пациенти.