Bayram Altuğ
06 Јануари 2021•Ажурирај: 06 Јануари 2021
ЖЕНЕВА
Генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Гебреисус, рече дека е разочаран поради тоа што тимот експерти што во Кина би требало да го истражуваат начинот на кој се појави новиот тип коронавирус, сè уште не ги добил потребните дозволи за влез во таа азиска земја, јавува Агенција Анадолија (АА).
Гебреисус во Женева ја одржа првата овогодишна прес-конференција. Во таа пригода говореше за состојбата во која се наоѓа меѓународниот тим експерти, што оваа седмица би требало да отпатува во Кина за да ги истражуваат причините и начинот на појавата на Ковид-19.
„Дознавме дека кинеските функционери сè уште не ги финализирале потребните дозволи за делегацијата што ќе патува во Кина. Двајца членови на тимот одамна го почнаа патот, а крајно разочарувачки е што останатите не можат да патуваат во последна минута“, рече Гебреисус.
Тој додаде дека се во контакт со кинеските функционери и дека мисијата за истражување на потеклото на вирусот е приоритет за СЗО и за меѓународната делегација, што уште еднаш јасно им го кажале на кинеските функционери.
Мајк Рајан, директорот на Програмата за вонредни ситуации на СЗО, наведува дека проблемот со визите бил пречка за заминување на тимот експерти во Кина.
СЗО претходно соопшти дека тим од десет експерти во првата седмица од 2021 година ќе отпатува во Кина за да го истражуваат потеклото на вирусот. Делегацијата требаше да го посети Вухан, градот во кој се појави коронавирусот.
СЗО е изложена на критики поради тоа што тимот експерти сè уште не отпатувал во Вухан, иако поминало една година од појавата на вирусот.