Балкан, Коронавирус

Северна Македонија: Пратениците се вакцинираа против Ковид-19

„Имунизацијата на територијата на целата држава се одвива добро. Од вакцината на „АстраЗенека“ има останато близу 5.000 дози. И како дополнување на тоа, околу 5.000 дози на вакцината „Фајзер“, кои веќе пристигнаа во земјата“, нагласи Филипче.

Husamedin Gina  | 23.04.2021 - Обновена : 24.04.2021
Северна Македонија: Пратениците се вакцинираа против Ковид-19 ( Foto: Husamedin Gina / Anadolu Agency )

СКОПЈЕ

Во спортската сала „А1 Арена“, денеска со „Спутник ве“ се вакцинираа пратениците од Собранието на Република Северна Македонија, како дел од критичната инфраструктура опфатена во Националниот план за имунизација на Ковид-19, јавува Агенција Анадолија (АА).

Пред да започне имунизацијата на пратениците, претседателот на Собранието, Талат Џафери и министерот за здравство, Венко Филипче, дадоа изјава за медиумите.

Истакнувајќи дека според општиот план за имунизација денеска на ред се пратениците, Талат Џафери рече дека вакцинацијата ќе овозможи посоодветна работа на Собранието и дека очекува од втората половина на мај да се врати нормалниот начин на работа на Собранието.

На прашањето колку пратеници ќе дојдат на вакцинација, Џафери рече дека како претседател на Собранието поднел целосен список со сите 120 пратеници.

„Според процедурите, секој од нив добива порака за терминот и групата кои се предвидени. Нивна лична одлука. Кој ќе дојде кој нема да дојде, тоа веќе не е работа на Собранието, односно не е веќе одговорност на претседателот на Собранието. Тоа е волја на секој поединец“, рече Џафери.

Министерот за здравство, Венко Филипче, наведувајќи дека пратениците се вакцинираат во три групи, и тоа со вакцината „Спутник ве“, рече дека паралелно во салата тече и вакцинацијата по возраст, односно на граѓаните над 73 години.

„Имунизацијата на територијата на целата држава се одвива добро. Од вакцината на „АстраЗенека“ има останато близу 5.000 дози. И како дополнување на тоа, околу 5.000 дози на вакцината „Фајзер“, кои веќе пристигнаа во земјата“, нагласи министерот Филипче.

Истакнувајќи дека денеска добиле листа од страна на компанијата „Фајзер“, со распоред за пристигнување на вакцините во мај, министерот Филипче рече дека секој понеделник ќе добиваат по 5 до 7.000 дози, односно околу 26.000 предвидени за цел месец.

Министерот Филипче исто така наведе дека со доаѓањето на 200.000 дози на кинеската вакцина „Синофарм“, на 28 април ќе биде комплетно спремен планот за дистрибуција.

Вакцинацијата со вакцината на „Синофарм“, како што рече Филипче, ќе започне во вторник, непосредно по завршувањето на Велигденските празници.

Филипче, упатувајќи апел граѓаните да се пријават на сајтот за вакцинација, рече дека до овој момент пријавени се околу 150.000 граѓани.

Во однос на епидемиолошката ситуација и капацитетите на болниците, министерот Филипче рече дека се бележи тренд на опаѓање на бројот на новодијагностицирани и дека сериозно е намален притисокот за прием на пациенти во болничките установи.

Вакцинацијата ќе се одвива во три групи, односно од 10 до 18 часот. Претходно беа вакцинирани собраниските служби.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.