Davut Demircan
21 Април 2020•Ажурирај: 22 Април 2020
ЖЕНЕВА (АА) - Шефот на Светската здравствена организација (СЗО) предупреди дека најлошото од новиот коронавирус е сѐ уште пред нас, јавува Агенција Анадолија (АА).
Генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, преку видеоконференција рече дека светот мора да дејствува заедно на национално и на глобално ниво за да ја надмине пандемијата.
Тој ги повтори апелите за глобална солидарност и национално единство и предупреди дека ако тоа не се случи, ќе умрат многу повеќе луѓе.
„Без овие две работи, верувајте ни - нѐ очекува најлошото. Да ја спречиме оваа трагедија. Ова е таков вирус што многумина го немаат сфатено“, рече тој.
„Овој вирус има нови видови на зараза. Тој е многу заразен, исто како грипот. Тој е сериозен убиец како САРС и МЕРС. Поседува опасни комбинации.“
Челникот на СЗО ги негираше тврдењата на Соединетите Американски Држави (САД) дека СЗО криела информации од земјите членки.
Вирусот Ковид-19, откако за првпат се појави во кинескиот град Вухан изминатиот декември, се прошири во речиси 200 земји и региони во светот. Европа и Соединетите Американски Држави (САД) се најтешко погодените региони.
Во светот има над 2,4 милиони заразени со вирусот и над 170.000 смртни случаи. Повеќе од 647.000 луѓе се излекувани, покажуваат податоците на американскиот Универзитет „Џонс Хопкинс“.