Dmitri Chirciu
27 Јануари 2021•Ажурирај: 27 Јануари 2021
МОСКВА
Некои од мерките воведени против ширењето на коронавирусот (Ковид-19) во главниот град на Русија ублажени се по подобрувањето на епидемиолошката состојба во овој град, јавува Агенција Анадолија (АА).
Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, изјави дека е забележан пад на бројот на новозаразените и додаде дека се укинати некои мерки кои се воведени со цел спречување на ширењето на коронавирусот (Ковид-19).
„Епидемиолошката состојба во Москва постепено се подобрува. Меѓутоа, центрите за борба против коронавирусот мораат да продолжат со својата работа“, рече Собјанин.
Тој истакна дека 50 отсто од болничките капацитети издвоени за заразените во Москва се ослободени.
По укинување на мерките, ќе биде дозволена работата на рестораните, баровите и кафулињата, чија работа беше забранета од 23:00 до 6:00 часот.
Укината е и мерката со која работа од дома беше задолжителна за 30 отсто од вработените во московските фирми.
Наскоро се очекува одлука за укинување на останатите мерки, меѓу кои е и наставата која на универзитетите и високите школи се одржува од далечина.
Носењето заштитни маски ќе биде и понатаму обврзувачко на јавните простори, во јавниот и такси-превозот, паркинг-зоните и лифтовите, додека на повозрасните лица и хронично болните ќе им биде забрането напуштање на местото на престојување.
Во Москва од 22 јануари дозволена е работата на театрите, кината, концертните сали, музеите, библиотеките и културните центри.
Во Русија во изминатите 24 часа потврдено е заразување кај уште 17.741 лице, со што вкупната бројка на заразени порасна на 3.774.672.
Рускиот центар за контрола и превенција од коронавирусот соопшти дека во истиот период борбата со Ковид-19 ја изгубиле 594 лица, со што бројот на починатите е зголемен на 71.076.
Во земјата во која првиот случај на Ковид-19 е откриен на 31 јануари 2020 година, а првиот смртен случај од оваа болест на 19 март истата година, масовната вакцинација почна на 18 јануари 2021.
Масовната вакцинација, која почна со упатствата на рускиот претседател Владимир Путин, се врши со вакцината „Спутник V“ (GamKovidVak), која ја разви Националниот институт за епидемиологија и микробиологија „Гамалеја“.