Mustafa Melih Ahıshalı
03 Мај 2020•Ажурирај: 03 Мај 2020
ТЕХЕРАН (АА) - Иранскиот претседател, Хасан Рохани, најави дека утре ќе бидат отворени џамиите во деловите на земјата за кои се проценува дека постои помал ризик од ширење на коронавирусот, пренесува Агенција Анадолија (AA).
Рохани претседаваше со седницата на Националниот совет за борба против пандемијата на Ковид-19.
„Донесовме одлука утре повторно да ги отвориме џамиите и во нив да се клања и петочната молитва [џума намаз] во вкупно 133 населени места кои се оценети како бели зони со мал ризик од ширење на вирусот“, рече Рoхани.
Истакнувајќи дека во текот на молитвите во џамиите ќе се почитуваат мерките за физичка дистанца, Рохани рече дека и училиштата во тие ирански региони ќе започнат со работа од 16 мај.
Рохани на 26 април најави дека процесот на укинување на мерките за борба против коронавирусот ќе се спроведува врз база на поделба на иранските региони во три категории според степенот на ризик од ширење на вирусот.
Првиот случај на коронавирусот во Иран беше потврден на 19 февруари во градот Ком. Во земјата заразени се вкупно 96.488 лица, а починаа 6.156 заболени.
Кон средината на април, иранскиот претседател Рохани најави премин во втората фаза на борба против вирусот, која вклучува и обнова на економските активности, дозволувајќи ја работата на стопанските субјекти во бројни сектори.