Adham Kako
30 Март 2020•Ажурирај: 31 Март 2020
АНКАРА
Режимот на Башар ал Асад соопшти денес дека во Сирија е забележан и втор смртен случај предизвикан од заразувањето со коронавирус, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Министерството за здравство при режимот на Асад соопшти денес дека вкупно две лица во Сирија починале од последиците на заразување со Ковид-19.
Заменик-генералниот секретар на ОН за хуманитарни работи, Марк Лоукок, претходно денес соопшти дека до утринава било познато дека вкупно десет лица во Сирија се заразени со коронавирус и дека едно заболено лице починало.
„Меѓутоа, тоа е само видлив врв на ледениот брег на тој проблем во Сирија“, порача Лоукок кој изрази загриженост дека ситуацијата во Сирија би можела да биде драстично полоша од она што режимот на Асад го претставува.
Од ОН претходно повикаа на воспоставување на глобално примирје заради борбата против ширењето на коронавирусот. Посебно е предупредено на ризиците кои во екот на пандемијата се изложени заробениците во пренатрупаните затвори на режимот на Асад во Сирија.
Вирусот што за првпат се појави во Вухан, Кина, во декември минатата година, се прошири во најмалку 177 земји и региони низ светот. Од последиците предизвикани од овој вирус во светот починаа вкупно 35.019 лица, а детектирани се над 750.000 случаи на заразени со Ковид-19.