Hasan Esen
07 Април 2020•Ажурирај: 07 Април 2020
ЛОНДОН (АА) - Премиерот на Велика Британија, Борис Џонсон, кој се лекува од новиот вид коронавирус, Ковид-19, нема пневмонија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Состојбата [на Џонсон] беше стабилна во текот на ноќта, и не е дијагностициран со пневмонија“, се вели во соопштението од Кабинетот на премиерот.
Исто така, наведено е дека Џонсон (55) бил подложен на „стандарден“ третман со кислород, можел да дише без никаква помош и не му бил потребен механички или вештачки респиратор.
- Неговата состојба се влоши по 10 дена -
Џонсон поради температура и кашлица на 27 март беше подложен на тест за Ковид-19. Тестот излезе позитивен.
„Сѐ уште имам треска и, според препораката на Владата, морам да продолжам да се изолирам додека не исчезнат овие симптоми“, рече премиерот Џонсон во видеопораката што ја објави на 3 април.
На Џонсон, чија состојба не се подобри, му продолжи температурата и кашлицата, па во неделата навечер беше хоспитализиран.
- Оддел за интензивна нега -
Британскиот печат јавува дека Џонсон сѐ уште има кашлица и температура и дека не се знае кога ќе биде отпуштен од болница.
Во понеделникот навечер во соопштението од Кабинетот се истакна: „Попладнево состојбата на премиерот се влоши. Тој е пренесен на Одделот за интензивна нега во болницата по совет на медицинскиот тим.“
Премиерот го замолил министерот за надворешни работи, Раб, доколку е потребно, да биде вршител на должноста премиер.
Свршеницата на премиерот, Кери Симондс, на 4 април од својот профил на социјалните медиуми напиша: „Минатата недела поради симптоми на коронавирусот ја поминав во кревет. Нема потреба да се тестирам, по одморот од седум дена се чувствувам посилна и закрепнувам.“