Emre Aytekin
17 Јули 2020•Ажурирај: 18 Јули 2020
АНКАРА
Експерименталната вакцина против новиот вид коронавирус (Ковид-19), развиена од страна на биотехнолошката компанија „BioNTech“ во Германија, која е кооснована од страна на турскиот научник, проф. д-р Угур Шахин, по Германија и САД, ќе почне да се тестира и кај луѓето во Кина, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според веста на интернет-страницата „Clinical Trials Arena“, фармацевтска компанија „Fosun Pharma“, со седиште во Шангај, доби одобрение од страна на Кинеската национална администрација за медицински производи (NMPA) за клинички испитувања од првата фаза на вакцината BNT162b1.
Оваа компанија која доби лиценца за развој и сериско производство на вакцината во Кина, има за цел кон крајот на оваа година да го започне второто и третото клиничко испитување, со повеќе од 30.000 лица кои ќе бидат тестирани.
Вакцината базирана на рибонуклеинска киселина (MRNA) содржи заштитна состојка за создавање имунитет против Ковид-19 кај лицата од 18-годишна возраст и постари од 18 години.
Потенцијалната вакцина веќе е тестирана кај луѓе во Германија и САД. Во испитувањата од првата фаза извршени со мал број на луѓе, се вели дека вакцината била безбедна и успеала да создаде имунитет кај тестираните лица.
Компанијата „BioNTech“, основана во 2008 година во Мајнц во Германија, работи на развивање лекови за некои болести, вклучувајќи го и ракот.
Оваа компанија постигна договор за партнерство со американскиот фармацевтски гигант „Pfizer“ и со кинеската фирма „Fosun Pharma“ за развивање и произведување на вакцина против Ковид-19.
- Клиничките испитувања се вршат во три фази
За една вакцина да биде широко користена, треба да се тестира кај луѓето во три фази.
Во првата фаза на клиничко испитување се истражува дали вакцината е безбедна и дали има можни несакани ефекти во мал број на здрави волонтерски субјекти.
Во втората фаза се тестира ефективноста на вакцината, чија сигурност веќе е потврдена во претходната фаза, кај повеќе од 100 субјекти.
Во третата, односно последната фаза, истиот процес се повторува со неколку илјади субјекти. Овој процес може да трае со месеци или со години.
Од друга страна, според податоците на Светската здравствена организација (СЗО), 23 вакцини во развој против Ковид-19 се во фаза на претклинички развој и 140 други се во клиничко испитување.