Barış Seçkin
06 Април 2020•Ажурирај: 07 Април 2020
РИМ
Денес во Италија се потврдени 636 нови смртни случаи од последиците на Ковид-19, при што вкупниот број на починати изнесува 16.523, сѐ уште највисоката бројка на потврдени смртни случаи во светот, но со очигледно намалено темпо на заразување, јавува Агенција Анадолија (АА).
Трендот на забавување во новиот број на потврдени случаи на заразување кој се намали од двоцифрениот број од раните фази на епидемијата, се чини дека го поддржува надевањето на Владата дека е досигнат врвот на заразувањето,
Бројот на нови потврдени случаи од вчера е зголемен за 2 отсто, при што вкупниот број на заразени изнесува 93.187. Бројот на лица кои што се излекувале продолжува да се зголемува, при што вкупниот број на излекувани лица изнесува 22.837, додека бројот на пациенти кои се на интензивна нега се намалува веќе трети ден по ред.
Епицентарот на епидемијата во Италија останува во северниот регион Ломбардија, при што само таму бројот на починати достигна бројка од 9.202 лица.
Во тековната борба против епидемијата на Ковид-19, италијанските власти го продолжија речиси целосното ограничување на движење, со што ги запре повеќето производствени и деловни активности во Италија - до најмалку 13 април.
Премиерот Џузепе Конте во неколку наврати рече дека Владата ќе започне со ублажување на мерките само кога научниците ќе го одобрат ваквиот потег, но тој не даде информации за конкретен датум.
Владата денес се состана да одобри нов пакет мерки со цел да им помогне на бизнисите и инвеститорите да се справат со големата криза предизвикана од пандемијата, што ризикува да ја втурне италијанската кревка економија во нова, болна рецесија.
Новиот пакет се очекува да вклучува мерки за доделување на нова ликвидност и банкарски заеми - во вредност до 400 милијарди евра (432 милијарди долари) - за бизнисите и компаниите оштетени од појавата и ограничувањето на движењето.