Büşra Selvi Öğütcen
12 Мај 2020•Ажурирај: 13 Мај 2020
МЕКСИКО СИТИ (АА) – Од новиот вид коронавирус, Ковид-19, во Мексико починаа 111 здравствени работници, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Заменик-министерот за здравство, Уго Лопез-Гател, изјави дека од Ковид-19 починале 66 доктори, 16 медицински сестри и персонал за медицинска помош и уште 29 лица, меѓу кои се наоѓале и стоматолози и лабораториски техничари.
Лопез-Гател, исто така, истакна дека 8.544 здравствени работници се дијагностицирани со Ковид-19, а за 6.747 се чекаат резултатите од тестовите. Посочувајќи дека бројот на случаи низ целата земја се разликува по градови, заменик-министерот за здравство Лопез-Гател рече дека во некои градови, до крајот на оваа недела мерките може да се укинуваат постепено.
- Употребените маски се собираат од ѓубре и се продаваат -
Во соопштението на Мексиканската асоцијација на аптеки се наведува дека добиле поплаки дека „употребените маски се собираат од ѓубре и се продаваат“.
Асоцијацијата, упатувајќи апел до граѓаните, во соопштението побара пред да ги фрлат маските што ги користеле да ги исечат.
Исто така се предупредува дека во Мексико, уличните продавачи сами ги полнат шишињата со антисептици на познати брендови и повторно ги продаваат.
Во многу земји од Латинска Америка, маските се продаваат од улични продавачи.
Во Мексико регистрирани се 36.327 случаи со Ковид-19, а досега од вирусот починаа 3.573 лица.