РИМ (АА) - Новинарите на Агенција Анадолија ги сумираа податоците за случаите со новиот вид коронавирус Ковид-19, што последните недели забрзано се шири низ Европа.
Според податоците, во Европа се детектирани 5.883 случаи на заразени со Ковид-19, од кои најголем број во Италија, по која следува Германија.
Во Европа во најтешка ситуација се наоѓа Италија. Во оваа земја бројот на починати од Ковид-19 изнесува 233 лица. Бројот на детектирани случаи на лица со Ковид-19 изнесува 5.061, што ја прави Италија една од најзаразените земји во светот.
Бројот на заразени во Германија за два дена двојно се зголеми. Во соопштението што го објави Институтот „Роберт Кох“, бројката на регистрирани случаи на заразени со Ковид-19, што до пред два дена изнесуваше 349 лица, сега изнесува 795 лица.
Во Франција бројот на починати од 9 се зголеми на 17, а бројот на детектирани случаи на заразени со Ковид-19 достигна бројка од 949 лица.
Во знак на превентивните мерки против ширењето на вирусот Ковид-19, областите Оаз и Долна Рајна од понеделник ќе бидат затворени во наредните 15 дена. Покрај тоа, на амбулантите им е дадена дозвола да произведуваат гелови за дезинфекција.
Шпанија е земја во која бројот на лица заразени со вирусот Ковид-19 повеќекратно се зголеми, при што, од претходно детектираните 93 лица, сега во оваа земја познато е дека со новиот тип коронавирус се заразени 441 лице. Иако случаи на Ковид-19 има речиси на целата територија на Шпанија, подрачјата на Мадрид, Баскија, Валенсија и автономната област Каталонија се места кои предничат по бројот на регистрирани случаи на Ковид-19. Во Шпанија досега починаа 10 лица. Поради фактот дека сите починати се постари лица, во голем број градови во Шпанија активностите наменети за постарите лица се запрени во период од 1 месец.
Бројот на заразени во Велика Британија од 42 детектирани случаи се искачи на 206.
- Нови превентивни мерки во Ватикан -
Ватикан, кој се наоѓа во срцето на Италија, која е земја со најголем број смртни случаи во Европа, презема нови превентивни мерки откако вирусот Ковид-19 беше откриен кај едно лице на тоа подрачје.
Во тие рамки, традиционалното неделно обраќање со молитва на папата Франциск од прозорецот на неговата работна соба, што гледа кон Плоштадот „Свети Петар“, и општиот прием во средите ќе бидат објавувани преку видеоматеријал во живо и сето тоа ќе биде пренесувано на плоштадот.
- Од заразените со Ковид-19 во Швајцарија 55 % се мажи, а 45 % жени -
Во Швајцарија регистрирани се 264 сличаи на Ковид-19. Новиот тип коронавирус е откриен во 20 од 26 кантони во Швајцарија, при што процентуално според половата припадност, од лицата заразени со Ковид-19 55 % се мажи, а 45 % се жени.
Во Холандија, каде што има 1 починат, бројот на заразени со Ковид-19 изнесува 188, во Белгија 149, Австрија 81, Чешка 19, Романија 11, а во Унгарија и Полска по 5 случаи.
Зголемувањето на детектираните случаи на лица со вирусот Ковид-19 во Австрија ја натера оваа земја да преземе нови мерки. Премиерот Себастијан Курц информираше дека се запрени авионските летови кон Јужна Кореја, Иран и од италијанските градови Милано и Болоња кон Виена. Курц додаде дека од лицата што доаѓаат од земјите во кои епидемијата на вирусот Ковид-19 е широкораспространета, ќе биде побаран пишан документ на англиски или германски јазик дека не се заразени со новиот тип коронавирус.
Курц рече дека е откажан и железничкиот сообраќај кон Италија, додавајќи дека здравствените работници и полицајците на граничните премини ќе можат да го запрат секое возило, мереќи ја притоа телесната темпрература на лицата што се наоѓаат во возилото.
- Словачка ќе ги запре летовите кон Италија -
По детектирањето на првиот случај со Ковид-19 во Словачка, властите на оваа земја соопштија дека во земјата ќе бидат преземени широкоопсежни мерки.
Премиерот Петер Пелегрини соопшти дека почнувајќи од понеделник, ќе бидат сопрени сите летови на релацијата Словачка - Италија.
Пелегрини информираше дека ќе бидат стопирани посетите на затворите, притворите и домовите за заштита, а ќе бидат откажани и ученичките и студентските прошетки во земјата и во странство.
Пелегрини посочи дека со цел да не дојде до поголемо распространување на вирусот во земјата, потребно е откажување на активностите на кои се присутни голем број учесници, предупредувајќи да не се оди во странство, особено не преку воздушниот сообраќај.
- Вирусот забележан и кај американските војници -
Италија, во која се забележани 233 смртни случаи и се регистрирани 5.061 случаи на заразени со вирусот Ковид-19, е земја во Европа во која овој вирус е најраспространет. Во градот Наполи Ковид-19 е детектиран кај еден војник, припадник на единиците за поморска поддршка, кои се дел од американската Морнарица во Италија.
Ова е прв случај на припадник на американската Војска во Европа заразен со Ковид-19.
Во согласност со зацртаните правила на земјата домаќин за превентивни мерки во ситуации на заразни болести, споменатиот војник во координација со здравствените единици се наоѓа во карантин во сопствениот дом, каде што ја добива потребната медицинска поддршка.
- Прв случај на Малта -
Министерот за здравство на Малта, Крис Ферн, информираше дека првиот случај на вирусот Ковид-19 е забележан кај 12-годишно девојче Италијанка, додавајќи дека девојчето и нејзиното семејство се ставени во карантин.
Според вестите објавени во медиумите на Малта, семејството на девојчето живеело на Малта, а во вторникот се вратиле од одмор, што го поминале во италијанскиот град Трентино на северот од Италија, а веќе во четвртокот девојчето било пренесено во болница.
- Балкан -
Новиот тип коронавирус е детектиран во неколку балкански земји. Бројот на регистрирани случаи на вирусот Ковид-19 во Хрватска се зголеми на 12.
Во Северна Македонија вирусот Ковид-19 е откриен кај 3 лица. Станува збор за лица кои претходно ја посетиле Италија. Во Босна и Херцеговина освен претходно регистрираните 2 случаи на Ковид-19, нема нови заразени, а во оваа земја под опсервација се ставени 221 лице. Во Србија е детектирано едно лице заразено со вирусот Ковид-19.