Emre Aytekin
09 Ноември 2021•Ажурирај: 10 Ноември 2021
АНКАРА (АА) - Суниј Шие, директорот на Центарот за иновации во науката за геноми во Пекинг, соопшти дека откриле целосно ефикасно антитело против сите варијанти на Ковид-19, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во веста објавена во „Чајна дејли“, Суниј нагласува дека антителото наречено „DXP-604“ е ефикасно против сите мутации на вирусот во лабораториските истражувања, и дека лекот произведен со користење на ова антитело е во втората фаза на клинички испитувања во болницата „Дитан“ во Пекинг.
Суниј истакна дека лекот, кој досега е испробан на 14 пациенти, успешно ги ублажува симптомите на вирусот.
Од друга страна, компанијата „Бри бајонсајансес“, која работи во Кина и САД, поднесе барање до американската Администрација за лекови и храна за итна употреба на лекот, кој ги комбинира двете антитела наречени „BRII-96“ и „BRII-198“.
Компанијата соопшти дека во третата фаза на клинички испитувања спроведени за лекот, кој е развиен во соработка со Универзитетот „Цингуа“ и Третата народна болница „Шинџин“, се забележува дека лекот ја намалил стапката на смртност и хоспитализација кај пациентите со Ковид-19 за 78 проценти.
Претседателот и извршен директор на компанијата, Хонг Џи, нагласувајќи дека вакцинацијата е сè уште најважното средство за борба против вирусот, рече дека брзиот имунолошки одговор со лековите може да се користи за превентивен третман кај лица кои го носат вирусот, но сè уште не покажуваат никакви симптоми, и кај лица кои биле во близок контакт со заразени.