Seyit Aydoğan
30 Март 2021•Ажурирај: 31 Март 2021
ТОРОНТО (АА) - Канада ја суспендираше употребата на вакцината против Ковид-19 на АстраЗенека, развиена од Универзитетот Оксфорд, кај лицата под 55-годишна возраст, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Потпретседателката на канадскиот Национален советодавен комитет за вакцини (NACI), д-р Шели Дикс, истакнувајќи дека е суспендирана употребата на вакцината од АстраЗенека кај лицата под 55-годишна возраст, рече дека одлуката е донесена поради „значителна несигурност“ во врска со случаите на тромбоцитопенија предизвикани од вакцината кај лицата со ниски тромбоцити.
Наведувајќи дека одлуката е донесена како „мерка на претпазливост“, Дикс додаде дека одлуката се заснова на извештаите од Европа во врска со многу ретки случаи на згрутчување на крвта кај некои вакцинирани лица, особено кај млади жени.
Од друга страна, се нагласува дека досега низ целата земја администрирани се 300.000 дози вакцина на АстраЗенека и дека не се забележани случаи на тромбоцитопенија.
Според студиите спроведени надвор од Европа, стапката на тромбоцитопенија е 1 на 125.000 луѓе. Во некои региони оваа стапка е 1 на 1 милион луѓе.
Германија, Италија, Франција, Шпанија, Холандија, Ирска, Норвешка, Данска, Исланд, Романија, Италија и Бугарија на почетокот на овој месец привремено ја прекинаа употребата на вакцината од АстраЗенека.
Употребата на вакцината на АстраЗенека е суспендирана во повеќе од 20 земји под сомнение дека предизвикува згрутчување на крвта. Од друга страна, Европската агенција за лекови (ЕМА) соопшти дека вакцината е „безбедна и ефикасна“.
Тедрос Аданом Гебреисус, генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО), изјави дека придобивките од вакцината на АстраЗенека се поголеми од штетите и ги повика земјите да ја користат вакцина на АстраЗенека.