Barış Seçkin
04 Март 2020•Ажурирај: 05 Март 2020
РИМ (АА) - Италија ја запре наставата во училиштата и на универзитетите до средината на март поради епидемијата на коронавирусот во земјата, известија денеска локалните медиуми, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Италија е најтешко погодена европска земја со епидемијата на коронавирусот.
„Досега се регистрирани 79 смртни случаи од Ковид 19“, објави италијанската новинска агенција АНСА. Се додава дека во Италија се заразени 2.263 лица со коронавирусот, а дека 160 од нив закрепнале.
Владата на Италија презема мерки за сузбивање на негативните ефекти на епидемијата врз економијата. Исто така, за да се спречи понатомошно ширење на вирусот, се апелира до луѓето да не се ракуваат, да не се одржуваат спортски активности и конгреси, и се молат сите кои се постари од 65 години да остануваат во своите домови.
Коронавирусот кон крајот на минатата година се појави и брзо се прошири во кинескиот град Вухан, а случаите со зараза се потврдени во повеќе од 70 земји во светот. Бројот на смртни случаи од зараза со коронавирус во светот надмина 3.000, додека повеќе од 89.000 се заразени.
Светската здравствена организација (СЗО) прогласи многу висока состојба на глобална опасност. Болеста официјално е наречена Ковид 19.