Barış Seçkin
16 Мај 2020•Ажурирај: 17 Мај 2020
РИМ (АА) - Италијанската Влада донесе одлука за отворање на границите кон земјите од Европската Унија (ЕУ) од 3 јуни, како дел од олабавувањето на мерките донесени против ширењето на новиот вид коронавирус, Ковид-19, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Италија, која се наоѓа во вонредна состојба околу 3 месеци поради појавата на Ковид-19, продолжува да ги олабавува мерките донесени за спречување на ширењето на вирусот.
Владата, која вчера одржа состанок под раководство на премиерот Џузепе Конте, изутрина соопшти дека се донесени одлуки за олабавување на мерките донесени за сузбивање на Ковид-19 во земјата.
Според тоа, Италија ќе ги отвори своите граници од 3 јуни и исто така ќе ја отстрани 14-дневната мерка за карантин за оние лица што доаѓаат од земји или региони кои се без ризик од епидемиолошки аспект.
Во италијанските медиуми се наведува дека заклучно со 3 јуни ќе се отворат границите кон земјите од ЕУ и Шенгенскиот регион без воведување на мерката карантин. Исто така наведено е дека состојбата со патувања од Италија во земји надвор од ЕУ во моментов зависи од одлуката на ЕУ, која ги затвори надворешните граници на Унијата до 15 јуни.
Покрај отворањето на надворешните граници од 3 јуни, во земјата ќе бидат дозволени патувањата по области, што се ограничени од март.
- Продавниците, рестораните и местата за богослужба се отвораат на 18 мај -
Од друга страна, се наведува дека од 18 мај ќе се отворат рестораните, кафулињата и местата за богослужба.
Од 18 мај, местата за богослужба, како што се црквите, џамиите и синагогите, повторно ќе бидат во функција во рамките на правилата за социјална дистанца и хигиена.