Barış Seçkin
22 Март 2020•Ажурирај: 23 Март 2020
РИМ (AA) – Во Италија од последиците на заразувањето со коронавирусот (Ковид-19) починаа уште 651 лице, со што билансот на вкупно починатите е зголемен на 5.476 лица, јавува Агенција Анадолија (АА).
Новите податоци за ширењето на коронавирусот и последиците од епидемијата во Италија ги објави Цивилната заштита на оваа земја.
Бројот на заразените во Италија денес е зголемен за 9 отсто, со што бројот на моментално заразени во земјата изнесува 46.638 лица.
Вкупно во Италија се излекувани 7.024 заразени лица.
„Бројките покажуваат дека постои напредок и се надеваме дека тој тренд ќе продолжи. Меѓутоа, не смееме да го спуштаме гардот", рече шефот на италијанската Цивилна заштита Анџело Борели.
Премиерот на Италија Џузепе Конте во обраќањето на нацијата рече дека Италија е соочена со најголемата криза од Втората светска војна.
Коронавирусот кон крајот на минатата година се појави во кинескиот град Вухан. Потенцијално смртоносниот вирус брзо се прошири во повеќе земји, а Светската здравствена организација (СЗО) прогласи глобална пандемија на Ковид-19.