Riyaz Ul Khaliq
18 Декември 2020•Ажурирај: 19 Декември 2020
АНКАРА (АА) - Нов Зеланд се наоѓа на врвот на глобалното истражување во врска со одговорот на Владата против Ковид-19, додека Соединетите Американски Држави (САД) се наоѓаат на дното, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Бренд фајнанс“, кој го спроведе истражувањето на „Глобал софт пауер индекс“ (Global Soft Power Index), соопшти дека 75.000 испитаници од пошироката јавност и 750 од специјализирана публика од 105 земји биле анкетирани за справувањето на нивните влади со Ковид-19.
Во спроведената анкета испитаниците добиле прашања во врска со напорите на нивните влади за стимулирање на нивната економија, заштитата на здравјето и благосостојбата на јавноста, соработката на меѓународната сцена и обезбедувањето помош.
„Нов Зеланд е оценет од пошироката јавност како земја што најдобро се справила со пандемијата, со нето-резултат од + 43 отсто“, се вели во соопштението.
Нето-резултатот е разлика помеѓу одговорите за „добро“ и за „лошо“ справување преку три фактори.
Анкетата покажа дека премиерката на Нов Зеланд, Јакинда Ардерн, ја има предноста во јасноста на комуникацијата во справувањето со кризата.
Но, САД се најдоа на дното меѓу 105 земји на глобално ниво.
Вашингтон е со резултат - 16 отсто, потполно спротивно од минатата година кога САД беа високо на скалата во други мерила во анкетата на „Глобал софт пауер индекс“, 2020.
САД имаат најмногу случаи на вирусот и смртни случаи од последиците на Ковид-19 на глобално ниво.
Извршниот директор на „Бренд фајнанс“, Дејвид Хајг, изјави: „Остриот контраст помеѓу перцепциите на јавноста за тоа како Нов Зеланд и САД се справиле со пандемијата, ги олицетворува спротивставените визии на двете нации за светот, предводени од речиси поларно спротивставени лидери.“
„Од една страна, ја имаме отворената, либерална и сочувствителна политика на Ардерн наспроти честопати борбениот, протекционистички и изолационистички пристап на претседателот Доналд Трамп“, додаде тој.
„Другите западни земји, вклучително и Франција (+ 15 отсто), Велика Британија (+ 14 отсто), Шпанија (+ 4 отсто) и Италија (-1 отсто), покажаа слабости за време на пандемијата и нивните неуспеси не поминаа незабележано од испитаниците од пошироката јавност“, се вели во анкетата.
„Велика Британија особено се бореше да преговара за тековните последици од пандемијата, вклучително и за последиците од најострата економска контракција досега, - 20,4 отсто во април оваа година, оставајќи ја нацијата во состојба на немир“, се вели во анкетата.