Büşra Selvi Öğütcen
27 Април 2021•Ажурирај: 27 Април 2021
АНКАРА (АА) - Индија и понатаму бележи најголем раст на бројот на новозаразени со коронавирусот, а во изминатите 24 часа во таа земја се потврдени уште 323.144 случаи на заразување, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерството за здравство на Индија соопшти дека од почетокот на пандемијата на Ковид-19 во таа земја се заразени повеќе од 17,6 милиони луѓе.
Индија со денови бележи најголем број на заразени со коронавирусот во светот.
Најмногу случаи се регистрирани на подрачјето на Махараштра, Утар Прадеш, Карнатака, Керала и Делхи.
Премиерот Арвинд Кејривал побара помош од премиерите на другите држави, бидејќи здравствениот систем е на работ на потполен колапс, посебно поради слабото снабдување со медицински кислород.
Во Индија во изминатите 24 часа од последиците на Ковид-19 починаа 2.771 лице, со што вкупниот број достигна 197.894.
Излекувани се повеќе од 14,5 милиони луѓе, а активни се повеќе од 2,8 милиони случаи.
Експертите предупредуваат дека здравствениот систем е „пред колапс“.
Во земјата со околу 1,4 милијарди жители, во тек е масовна кампања за вакцинација.
Министерството за здравство на Индија објави дека се примени повеќе од 145,2 милиони дози вакцини против Ковид-19.
Австралискиот премиер Скот Морисон изјави дека поради зголемувањето од бројот на случаи на заразување во Индија, воздушниот превоз од оваа земја е запрен до 15 мај.
Морисон изјави дека во Индија ќе испратат респиратори, хируршки маски, ракавици и заштитни маски.
Експертите наведуваат дека во Индија се загрижувачки три варијанти на коронавирусот и тоа со потекло од Јужна Африка, Англија и Бразил.