Jeyhun Aliyev
04 Мај 2020•Ажурирај: 05 Мај 2020
ИСТАНБУЛ
Претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган по конференцијата што преку видеолинк ја одржа со својот кабинет се обрати до нацијата, изјавувајќи дека значајна пресвртница стои пред целиот свет, вклучувајќи ја тука и Турција, кој е погоден од пандемијата на Ковид-19, јавува Агенција Анадолија (АА).
Претседателот Ердоган рече дека Турција постепено ќе презема нови чекори за да започне нормализацијата по Ковид-19.
Претседателот Ердоган соопшти дека е донесена одлука според која во Турција се укинуваат ограничувањата за патувања поради Ковид-19 во областите Анталија, Ајдин, Ерзурум, Хатај, Малатја, Мерсин и Мугла.
Во врска со кампањата за материјална помош, претседателот Ердоган информираше дека досега се собрани над 1,91 милијарди лири (271 милиони долари) од донации како дел од Националната кампања за солидарност за помош во борбата против коронавирусот.
„Турција на 11 мај ќе ги отвори фризерските салони и шопинг центри, додека луѓето над 65 години ќе можат да останат надвор 4 часа дневно“, изјави Ердоган.
Тој додаде дека од 13 мај децата на возраст до 14 години ќе можат да излегуваат надвор во непосредна близина на нивните домови од 11.00 до 15.00 часот.
Осврнувајќи се на ситуацијата на Сирија и постојаните напади и вознемирувања на кои се изложени Труските вооружени сили, претседателот Ердоган истакна дека Турција повеќе нема да може да го толерира вознемирувањето во безбедносната зона околу Идлиб во Сирија и зголемувањето на нападите и покрај постигнатите договори.
Тој истакна дека Турција e решена да продолжи да ја поддржува легитимната либиска Влада во трансформирање областа во регион на мирот.
- Ништо нема да биде како нормалното што го знаевме
Ердоган нагласи дека полициските часови и ограничувања многу помогнале во борбата против епидемијата и додаде дека голем дел од земјата ќе се соочи со уште еден полициски час овој нареден викенд.
„Секако дека постепено ќе се вратиме во нормалниот живот, но не треба да ја забораваме реалноста дека, како и во светот и нашата земја, ништо нема да биде како нормалното што го знаевме.
„Не знаеме колку долго ќе трае епидемијата или кога ќе се најде лекот за неа“, изјави тој.
Ердоган рече дека „нов вид на нормала“ ја чека земјата и дека некои ограничувања ќе продолжат, но во опуштена форма.
„Универзитетите ќе можат да го продолжат својот академски календар на 15 јуни“, рече тој.
Претседателот истакна дека сè уште има земји кои се борат со вирусот, па неизвесно е кога ќе продолжат меѓународните летови.
Тој додаде дека е непознато каква слика ќе произлезе од нарушувањето на глобалната економска и политичка рамнотежа.
- Маски за продажба
Како дел од нормализацискиот процес, Ердоган изјави дека планираат да дозволат продажба на маски, кое претходно не беше дозволено, додавајќи дека ќе биде поставена стандардна цена.
Ердоган додаде дека откако вирусот се појавил во земјата, речиси 65.000 државјани биле вратени во Турција од странство.
Турција во овие кризни времиња достави хуманитарна помош во борбата против Ковид-19 во најмалку 57 земји, вклучувајќи ги САД, Италија, Шпанија и Велика Британија.
Ковид-19 се прошири во 200 земји и региони, откако за првпат беше забележан во кинескиот град Вухан минатата година. Во моментов САД и Европа се епицентри на заразата.
Пандемијата во светот досега зеде над 250.000 животи, додека бројот на дијагностицирани случаи со вирусот надмина 3,62 милиони, а повеќе од 1,1 милион заболени оздравеа.