Şenhan Bolelli
08 Мај 2020•Ажурирај: 08 Мај 2020
МАДРИД
Во Шпанија денеска се регистрирани 229 смртни случаи од последиците на Ковид-19 и 1.095 нови случаи на заразување, а регионите низ земјата се подготвуваат за понатамошно олабавување на мерките од наредната недела, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Министерството за здравство на Шпанија соопшти дека се потврдени вкупно 223.000 случаи на заразување со Ковид-19 и 26.299 смртни случаи. Повеќе од 121.700 лица се хоспитализирани, а 131.148 оздравеле.
Објавените податоци вчера потврдија дека речиси 46.000 здравствени работници во Шпанија се заразиле со вирусот.
Најмалку 44 доктори во Шпанија досега ги загубија своите животи од последиците на Ковид-19, според податоците на Медицинскиот колеџ во Мадрид.
Денеска регионите низ Шпанија очекуваат известување од централната Влада во врска со олеснување на мерките, кое треба да започне од понеделник.
Сите делови на Шпанија, со исклучок на деловите на Каталонија, Кастилја и Леон, побараа да преминат во следната фаза на олеснување на мерките, што ќе овозможи отворање на некои продавници, ресторани и кафулиња, како и собири до 10 луѓе.
Главниот епидемиолог на Шпанија, Фернандо Симон, на прес-конференција изјави дека критериумите за преминување во следната фаза се засноваат на фактори поврзани со здравјето, а не на економијата.
Мадридскиот регион е еден од најтешко погодените во Шпанија, но исто така, и тој повикува на понатамошно ослободување на мерките наредната недела.
Д-р Јоланда Фуентес, директорката за јавно здравје во мадридскиот регион, вчера ненадејно поднесе оставка.
Изабел Дијаз Ајузо, претседателката на регионот на шпанскиот главен град, за локалните медиуми изјави дека оставката на Фуентес се должи на несогласувањата околу барањето на Мадрид за олеснување на мерките.