Ekipa
29 Март 2020•Ажурирај: 29 Март 2020
ОВИЕДО (АА) - Шпанија веќе втор ден по ред бележи над 800 смртни случаи од коронавирусот во тек на 24 часа, покажуваат податоците објавени од шпанското Министерство за здравство, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Досега во Шпанија од вирусот Ковид-19 починаа 6.528 лица. Од минатата недела, бројот на смртни случаи се зголеми за 4.808.
Според податоците објавени денеска, Шпанија потврди 78.797 случаи, од кои речиси 5.000 пациенти се наоѓаат на интензивна нега, а над 14.700 се излекувани.
Бројот на нови случаи е релативно мал, нешто повеќе од 6.000 за еден ден. Сепак, Мадрид, најтешко погоденото подрачје во државата, неодамна ја промени својата политика, така што повеќе нема да тестира пациенти со очигледни симптоми.
Шпанија од 14 март е во изолација, но во саботата навечер премиерот Педро Санчез објави преземање построги мерки.
На работниците кои со својата дејност директно не го поддржуваат општеството во борбата против коронавирусот, ќе им биде наредено да останат во домовите од 30 март до 9 април.