Şeyma Uzundere
23 Мај 2021•Ажурирај: 24 Мај 2021
АНКАРА
Во Индија, една од најтешко погодените земји во светот од епидемијата на новиот вид коронавирус (Ковид-19), во последните 24 часа животот го загубија 3.741 лице известува Агенција Анадолија (АА).
Министерството за здравство на Индија соопшти дека во последните 24 часа починале 3.741 лице, зголемувајќи ја вкупната бројка на починати поради коронавирусот на 299.266.
Во последните 24 часа во земјата се детектирани 240.842 лица позитивни на Ковид-19, вкупно 26.530.132 од почетокот на епидемијата во Индија досега.
Бројката на смртни случаи на дневна основа како последица на заразеност со коронавирусот за прв пат се искачи на над 4.000 на 8 мај, а на 19 мај достигна 4.529, што е највисока бројка од почетокот на епидемијата на Ковид-19 во оваа земја.
Во периодот од 7 мај досега постои тенденција за намалување на бројката на новозаразени. Случаите на лица позитивни на Ковид-19 на дневна основа паднаа под 300.000 во последните 5 дена.
- Епидемијата се намалува во поголемите градови на Индија
Додека бројката на новозаразени со Ковид-19 на дневна основа во Њу Делхи, главниот град на Индија, надмина 26.000 на 22 април, бројката на новозаразени во последните 24 часа изнесува 2.260.
Во Мумбај, со население од околу 12,5 милиони, на 4 април беа забележани повеќе од 11.000 случаи, а во последното деноноќие оваа бројка падна под 1.299.
Експертите предупредуваат дека точната бројка на заразени и смртни случаи предизвикани од Ковид-19 би можела да биде многу повисока.
- Кампања за вакцинација
Според податоците објавени на интернет-страницата „Ourworldindata.org“, во Индија досега се дадени 190 милиони дози вакцини од започнувањето на кампањата за вакцинација на 16 јануари досега.
Вакцинацијата во Индија, со население од околу 1,4 милијарди, сè уште не го достигна посакуваното ниво за да може да се запре епидемијата во земјата. Индискиот институт за серум, најголемиот производител на вакцини во земјата, објави дека има потешкотии во снабдувањето со вакцини.