Hasan Esen
09 Јуни 2020•Ажурирај: 10 Јуни 2020
ЛОНДОН
Англиската влада објави дека бројот на смртни случаи како резултат на заразеност со новиот тип коронавирус (Ковид-19) се сикачил на 40.883, но Националниот институт за статистика на оваа земја објави дека вистинската загуба на животот надминува 50 илјади, јавува Агенција Анадолија (АА).
Според изјавата на Министерството за здравство, во земјата во последните 24 часа починале 286 лица поради Ковид-19, додека вкупниот број на смртни случаи се зголемил на 40.883. Бројот на детектирани лица позитивни на Ковид-19 е зголемен за 1387, со што вкупната бројка на детектирани лица позитивни на Ковид-19 се искачи на 289.140.
Последното деноноќие се извршени 102.930 тестирања, со што вкупниот број на тестови се зголеми на 5.870.506, вклучувајќи ги тука и повторни тестирања.
Националниот институт за статистика, базирајќи се врз документите во кои се наведува причината за смртта, објави дека до крајот на мај поради заразеност со коронавирусот починале 50.107 лица. Во изјавата на агенцијата исто така се наведува дека во мај е забележан пад на смртноста во однос на претходните месеци.
Англија се најде на првото место во Европа според бројот на смртни случаи предизвикани од заразеност од Ковид-19 и на второ место во светот по САД.
Ограничувањата што беа воведени како мерка за спречување на ширењето на коронавирусот на 23 март во Англија, делумно беа олабавени на 13 мај, овозможувајќи им на луѓето да вежбаат и да одат на работа оние кои не беа во можност да работат од дома, како што се градежни и работници во секторот за производство.
Во втората фаза од чекорите за релаксација, беше решено од 1 јуни да се отворат основни училишта и да се започнат професионални спортски натпревари, а на 15 јуни да се отворат сите продавници за мало.