Admir Fazlagic
09 Јуни 2020•Ажурирај: 10 Јуни 2020
СКОПЈЕ
Владата на Република Северна Македонија на денешната 63. седница не донесе одлука за повторно воведување на полициски час, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Комисијата за заразни болести вчера побара од Владата воведување полициски час во четири градови (Скопје, Штип, Куманово и Тетово). Според предлогот се бараше полицискиот час да почнува во 22 часот, а да трае до 05 часот наредниот ден.
Според соопштението од прес-службата на Владата на Северна Македонија, на денешната владина седница во врска со спречување на внесување и ширење на коронавирус (Ковид-19) заклучи да се воведат засилени контроли и мониторинг во таргетирани подрачја на градот Скопје и општините во градот Скопје, потоа во околните скопски општини Арачиново, Студеничани, Илинден, Петровец и Зелениково, како и во општините Куманово, Липково, Штип и Карбинци, Тетово и тетовски општини Боговиње, Брвеница, Теарце, Желино и Јегуновце, каде што е регистриран поголем број на новозаразени граѓани.
„Согласно овој заклучок, предлогот за воведување рестриктивни мерки ќе биде повторно разгледан во Комисијата за заразни болести", се вели во соопштението на Владата.
Во оваа насока, Владата ги задолжи Министерството за внатрешни работи, Инспекцискиот совет и Финансиската полиција да изготват посебни акциски планови за контрола и за спречување на отстапувањето на мерките за заштита, како и санкционирање на секое непридржување до донесените мерки.
„Во врска со оваа точка, Владата заклучи Државниот здравствен и санитарен инспекторат во секое решение за изолација што ќе биде донесено да стои дека е задолжително инсталирање на апликацијата СтопКорона заради поголема прегледност и контрола со цел превенција на ширењето на коронавирусот. Секое прекршување на одредбите од решението за изолација ќе биде санкционирано со државен карантин", се додава во соопштението.
Министерството за здравство на Република Северна Македонија соопшти дека во изминатото деноноќие регистрирани се 87 нови случаи на Ковид-19, со што вкупната бројка на случаи со овој вирус во земјата се искачи на 3.239. Во изминатите 24 часа регистриран е еден смртен случај од Ковид-19, со што вкупниот биланс на починати од вирусот се зголеми на 157.
Во моментот бројот на активни случаи со Ковид-19 изнесува 1.424, а од почетокот на епидемијата во Северна Македонија се реализирани вкупно 38.014 тестирања на Ковид-19.