Hasan Esen
21 Септември 2021•Ажурирај: 22 Септември 2021
ЛОНДОН
Во Велика Британија вакцините спречиле 112.300 смртни случаи од новиот тип коронавирус (Ковид-19), пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според податоците на Националната канцеларија за статистика (ONS), што се засноваат на причините за смрт, бројката од 160.000 починати како последица од Ковид-19 е надмината на 7 септември. Меѓутоа, поради доцнењето во известувањето, дури сега е внесена во евиденцијата.
Се проценува дека податоците на Националната канцеларија за статистика (ONS) даваат посеопфатна слика од податоците на Министерството за здравство на Велика Британија, кои ги бројат смртните случаи во рок од 28 дена по позитивниот тест за Ковид-19 и во моментов нивната бројка изнесува 135.252.
Сепак, зголемувањето на жртвите значително е забавено од пролетта наваму.
Вкупниот број смртни случаи надмина 100.000 на 6 јануари. Беа потребни само 20 дена за да се достигне бројката од 125.000, што претставува зголемување за 25.000.
Од друга страна, потребни беа 42 дена за да се зголеми загубата на животи од 125.000 на 150.000. Исто така беа потребни околу 6 месеци за да се зголеми за 10.000 и да се стигне до бројката од 160.000.
Во првиот бран на епидемијата (до 31 август 2020 година), регистрирани беа 57.896, а во вториот бран (од 1 септември 2020 година до 16 мај 2021 година) 95.799 смртни случаи.
Од почетокот на третиот бран на 17 мај, регистрирани се само 6.679 смртни случаи.
Фактот дека смртните случаи во третиот бран на вирусот се релативно ниски во споредба со првиот и вториот бран се припишува на ефективноста на вакцините против Ковид-19.
Според најновата студија на Универзитетот во Кембриџ и Јавното здравство во Велика Британија, вакцините против Ковид-19 спречиле 112.300 смртни случаи во земјата.
Во Велика Британија, 89,4 проценти од возрасните ја примиле првата доза, а 81,8 проценти ја примиле втората доза.