Islam Uddin
23 Јули 2020•Ажурирај: 24 Јули 2020
АНКАРА
Националната фармацевтска група во Кина (SinoPharm) денеска соопшти дека вакцината за Ковид-19 би можела да биде готова до крајот на 2020 година, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Кинеските фармацевтски компании завршија со раните испитувања и се подготвуваат за влез на пазарот до крајот на годината, пред предвиденото време“, објави „Глобал тајмс“ (Global Times).
„Кон крајот на јуни на SinoPharm му е одобрено да започне со меѓународно клиничко испитување од фаза III. Вакцината би можела да биде на пазарот до крајот на годината“, вели претседателот на „SinoPharm“, Лиу Ѓингзен во текстот објавен во весникот „Глобал тајмс“.
Според Лиу, финалното испитување се очекува да заврши во наредните три месеци.
Вакцината беше заеднички развиена од Институтот за биолошки продукти во Пекинг и Инстутот за биолошки продукти во Вухан во рамките на „SinoPharm“.
Официјален претставник на Светската здравствена организација изјави дека истражувачите постигнале добар напредок во развојот на вакцините против Ковид-19, но дека првата употреба не може да се очекува до почетокот на 2021 година.
Други земји, вклучително и медицински истражувачи во САД и Велика Британија, исто така се борат да развијат вакцина против Ковид-19.
Откако за првпат се појави во кинескиот град Вухан, пандемијата на Ковид-19 одзеде над 622.000 животи во 188 земји и региони.
Повеќе од 15 милиони случаи се регистрирани во светот, додека над 8,6 милиони пациенти се оздравени, според податоците собрани од американскиот Институт „Џонс Хопкинс“.