Ekipa
07 Март 2020•Ажурирај: 08 Март 2020
АНКАРА (АА) - Бројот на починати од коронавирусот во Иран се искачи на 145, соопшти денеска иранското Министерство за здравство, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Во последните 24 часа во земјата починаа 21 лице, а откриени се 1.076 нови случаи“, изјави портпаролот Кијануш Џаханпур на прес-конференцијата во главниот град Техеран.
„Со последните бројки, вкупниот број потврдени случаи изнесува 5.823“, рече Џаханпур.
Најголем дел од новите случаи се регистрирани во покраините Техеран, Ком, Гилан, Исфахан, Алборц, Маркази и Казвин.
Утрово од коронавирус почина и иранската пратеничка Фатима Рахбар.
Рахбaр, членка на Исламската коалициска партија, беше хоспитализирана и однесена на интензивна нега во четвртокот, каде што почина.
Таа беше една од многуте официјални претставници кои се заразени со вирусот, меѓу кои и еден заменик-претседател, десетици други членови на Парламентот и заменик-министерот за здравство.
Турција, каде што досега нема потврдени случаи на коронавирус, минатиот месец ги затвори своите граници и го прекина воздушниот сообраќај кон Иран.
Покрај Италија и Јужна Кореја, Иран е најпогодената земја од коронавирусот, од неговата појава минатиот декември во Кина.
Како дел од мерките за спречување на неговото ширење, Техеран ги затвори сите училишта и установи за високо образование, ги откажа сите спортски настани и им забрани на владините претставници да ја напуштаат земјата.