Muhammed Emin Canik
26 Март 2021•Ажурирај: 27 Март 2021
БУЕНОС АИРЕС (АА) - За првпат во Бразил забележани се повеќе од 100.000 новозаразени со Ковид-19 во едно деноноќие, јавува Агенција Анадолија (АА).
Бразил кој минува низ тежок период поради пандемијата на новиот тип коронавирус (Ковид-19), е втора земја во светот во која има над 300.000 смртни случаи предизвикани од коронавирусот.
Според податоците објавени од Министерството за здравство на Бразил, во последното деноноќие во Бразил починале 2.777 лица заразени со Ковид-19, со што вкупната бројка на смртни случаи од коронавирусот е зголемена на 303.462.
Бројката на лица кај кои во последните 24 часа е детектиран Ковид-19 изнесува 100.158, така што вкупниот број позитивни на коронавирусот од почетокот на епидемијата во земјата се искачи на 12.320.169.
Во Бразил досега оздравеа 10.772.549 лица претходно позитивни на Ковид-19.
По Соединетите Американски Држави (САД), Бразил со популација од 210 милиони жители, е втора земја во светот според бројката на лица позитивни на коронавирусот и според бројот на починати.
Само во периодот од 8 јануари досега во Бразил од Ковид-19 починаа над 100.000 лица, додека бројката на заразени од 7,1 милион се зголеми на 12,3 милиони.
Во последните денови се исполнети капацитетите на одделенијата за интензивна нега со пациенти заразени од варијантата П1, чие ширење е поинтензивно, а која се смета дека се појавила во бразилската сојузна држава Амазон.
Официјалните претставници информираа дека во 18 од 26 бразилски држави и федерални региони, пополнетоста во одделенијата за интензивна нега изнесува најмалку 90 % , а постои и недостиг на медицинска опрема во некои болници низ земјата.