Ekipa
14 Април 2020•Ажурирај: 15 Април 2020
ОВИЕДО (АА) - Бројот на смртни случаи од коронавирусот Ковид-19 во Шпанија се зголеми за 567 во последните 24 часа и достигна 18.056, јавува Агенција Анадолија (АА).
Шпанскиот министер за здравство, Салвадор Ила, рече дека неодамнешните податоци потврдуваат дека Шпанија го надминала најакутниот дел од кризата.
„Ние го достигнавме врвот и целта за оваа недела е да ја достигнеме следната фаза“, рече тој.
Следната пресвртна точка ќе биде бројот на излекувани случаи да го надмине бројот на новозаразени - нешто што не се има случено од почетокот на кризата.
Денес, со 3.045 новозаразени и 2.777 излекувани лица, земјата се приближува до таа цел. Во Шпанија со Ковид-19 дијагностицирани се вкупно 172.541 лице, а 67.504 оздравеа од вирусот.
Тестирањето ќе игра голема улога во спречувањето на неговото ширење и Владата наскоро ќе започне со епидемиолошка студија со земање примероци од 62.400 луѓе од целата земја со цел да го утврди степенот на заразата.
Во моментов може да се тестираат само неопходните работници или лицата со сериозни симптоми кои треба да бидат хоспитализирани.
Синоќа, Владата донесе одлука сите приватни лаборатории да бидат на располагање на различните регионални влади во земјата за спроведување на тестирања за Ковид-19.
Шпанија останува под строга изолација, но вчера на милиони работници им беше дозволено да се вратат на своите работни места во секторите како производство и градежништво.