Seda Sevencan
17 Февруари 2021•Ажурирај: 18 Февруари 2021
ЕРЗУРУМ
Коронавирусот (Ковид-19) може да предизвика ненадејно губење на видот како резултат на оклузија на ретиналната вена, вели експерт од здравството.
Д-р Орхан Атеш, професор на Медицинскиот факултет на турскиот Универзитет „Ататурк“ во источната област Ерзурум, во разговор за Агенција Анадолија (АА) изјави дека некои млади пациенти кои се заразиле со Ковид-19 имале ненадејно губење на видот.
„По неколку испитувања и тестови, откривме дека губењето на видот како последица на Ковид-19 е предизвикано поради оклузија на ретиналната вена. Покрај медицинската терапија, применивме хипербарична кислородна терапија за лекување на овие пациенти“, рече Атеш, кој исто така е заменик главен лекар на истражувачката болница на Универзитетот.
„Како резултат на третманите, пациентите ја повратија речиси целата штета предизвикана на ретината како последица на Ковид-19 и нивото на видот се врати во нормала“, додаде тој.
„Ние со светските научни кругови споделивме дека Ковид-19 може да предизвика оклузија на ретиналната вена и начинот на кој тоа може да се лекува“, нагласи Атеш.
Откако за прв пат се појави во декември 2019 година, пандемијата одзеде повеќе од 2,42 милиони животи во 192 земји и региони.
Според податоците на американскиот Универзитет „Џонс Хопкинс“, во светот се пријавени над 109,57 милиони случаи, а оздравени се над 61,64 милиони.
САД, Индија и Бразил се најлошо погодени земји по бројот на случаи на заразени.