Hasan Esen
17 Февруари 2021•Ажурирај: 18 Февруари 2021
ЛОНДОН (АА) – Во Велика Британија, во рамките на студиите за новиот вид коронавирус (Ковид-19), доброволци ќе бидат намерно заразени за да се испита имунолошкиот одговор на вакцината и начинот на пренесување на вирусот од лице на лице, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението од Министерството за бизнис, енергетика и индустриска стратегија на Велика Британија, клиничките испитувања, што ќе бидат први во светот, ќе започнат за еден месец.
Во студијата, околу 90 здрави доброволци од возрасната група од 18-30 години ќе бидат заразени со Ковид-19 во безбедна средина што ќе биде контролирана.
Истражувањето ќе испита колкав дел од вирусот предизвикува инфекција, имунолошкиот одговор на организмот и како вирусот се пренесува од лице на лице.
Доброволците кои се согласиле да бидат заразени со Ковид-19 ќе бидат внимателно следени од болничари и научници 24 часа дневно откако ќе бидат изложени на вирусот.
По испитувањата што се поддржани од британската Влада со 33,6 милиони фунти, ќе се направат и други испитувања со лицата што ја примиле вакцината против Ковид-19.
Квази Кватренг, министерот за бизнис, енергија и индустриска стратегија, истакнувајќи дека студијата е важен елемент во борбата против Ковид-19, рече: „Покрај тоа што има многу позитивни случувања во развојот на вакцините, ние сакаме да ги најдеме најдобрите и најефикасните вакцини на долг рок.“
„Нашата крајна цел е да утврдиме кои вакцини и третмани се најдобри за да се победи оваа болест. Но, за оваа студија потребни ни се волонтери“, рече доктор Крис Чиу, кој ќе ја води студијата.
Лицата што сакаат да учествуваат во испитувањата ќе можат да се пријават преку веб-страницата „UK Covid Challenge“.