Elvır Hodzıc
17 Февруари 2021•Ажурирај: 19 Февруари 2021
САРАЕВО (АА) - Во Сараево, Босна и Херцеговина, денес официјално започна со работа првиот „драјв ин“ пункт за тестирање на коронавирусот, поставен на паркинг, јавува Агенција Анадолија (АА).
Пунктот е наменет за „драјв ин“ методата на тестирање и тоа за сите граѓани кои од матичниот лекар ќе добијат електронски упат за тестирање на коронавирус.
Граѓаните на тестирањето доаѓаат со автомобил и имаат минимален контакт со медицинскиот персонал.
Со пунктот управува ЈУ „Здравствен дом“ на Кантонот Сараево, а работното време на пунктот е од 8:00 до 14:30 часот, секој ден во неделата.
Претходно формираните пунктови во склоп на организациските единици и амбуланти за Ковид продолжуваат со работа.
Премиерот на Сараевскиот кантон, Един Форто, во придружба на министерот за здравство во Кантоналната влада, Харис Враниќ, и директорот на јавната установа „Здравствен дом“ на Кантонот Сараево, Мухамед Ахмиќ, го посетија новопоставениот контролен пункт денес.
Министерот Враниќ истакна дека Владата го исполнила ветувањето и поставила „драјв ин“ пункт според сите стандарди што ги бара епидемиолошкото земање примероци за тестирање на Ковид-19.
Директорот на Здравствениот дом, Ахмиќ, рече дека вработените во таа институција работат на пунктот и дека тоа претставува проширување на активностите. Тој рече дека се надева дека Кантоналната влада и ресорното Министерство ќе испратат барање до Здравствениот дом за дополнителен здравствен персонал, бидејќи тоа е најголемиот проблем.
На прашањето да ја коментира моменталната состојба во врска со набавката на вакцини против Ковид-19 во Сараевскиот кантон, премиерот Форто рече дека кантоналните власти започнале процес за набавка на најмалку 100.000 дози, но дека сите погледи се свртени кон федералните и државните програми за набавка на вакцини преку програмата Ковакс.
„Ние сме последната земја во регионот и мене ми е малку срам што државното ниво само во Босна и Херцеговина не се занимаваше со набавка на вакцини“, рече Форто.
Тој рече дека постои можност кантонот Сараево да увезува вакцини преку големите аптеки, но дека ќе биде многу полесно тоа да се направи од федералното и државното ниво на власта.