Burak Dağ
14 Декември 2020•Ажурирај: 16 Декември 2020
ХАТАЈ (АА) - Лекарите во Турција посветено и навремено работат за да ги спасат животите на пациентите кои се заразени со Ковид-19, јавува Агенција Анадолија (AA).
Д-р Аким Џам, специјалист по интерна медицина, кој работи во приватна болница во југоисточната област Хатај, ги предупреди пациентите да не веруваат во сè што се појавува на социјалните медиуми.
„Луѓето не треба да веруваат во сè што ќе слушнат, најмоќниот лек е изолацијата“, додаде тој.
Зборувајќи за АА, неврологот д-р Атила Кара изјави дека повеќето од пациентите се жалат на болка во мускулите и на висока температура.
„Главоболката е еден од најчестите симптоми и обично е неподнослива. Лековите против болки не помагаат. Губењето на чувството за мирис и вкус се исто така меѓу честите симптоми“, изјави тој.
Тој додаде дека заразувањето со Ковид-19 може да доведе до коагулација во разни органи, како и во мозокот.
Кара ги повика луѓето да носат маски и ја нагласи важноста за социјално дистанцирање.
Турција неодамна ги објави новите рестриктивни мерки за борба против вирусот, меѓу кои и полицискиот час кој е во сила во вечерните часови и за време на викендот.
Ваквите мерки се преземени по високиот број случаи на Ковид-19 во Турција.
Полицискиот час ќе продолжи сè додека не се донесе нова одлука.
Вчера во Турција беа регистрирани 26.919 нови случаи на Ковид-19, од кои 5.103 асимптоматски пациенти, а во последните 24 часа се регистрирани 218 нови смртни случаи како последица на вирусот.
Откако за прв пат се појави во кинескиот град Вухан во декември минатата година, од Ковид-19 починаа 1,61 милиони лица во 191 земја и регион низ светот.
Во светот се регистрирани повеќе од 72,6 милиони случаи на вирусот, а над 50.9 лица се оздравени, според податоците што се објавени од американскиот Универзитет „Џонс Хопкинс“.
Додека САД, Индија и Бразил се најтешко погодени земји од вирусот според бројот на случаи, Европа е во грч од вториот бран на вирусот.