Sevgi Ceren Gökkoyun
13 Август 2021•Ажурирај: 16 Август 2021
АНКАРА
Испитувањата во втората фаза на турската кандидат-вакцина која се базира на честички слични на вирус, развиена против новиот тип коронавирус (Ковид-19), се успешно завршени, изјави денеска министерот за индустрија и технологија на земјата, Мустафа Варанк, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Мустафа Варанк, кој беше волонтер во испитувањата, рече дека испитувањата се завршени без несакани ефекти“, се вели во соопштението на Министерството.
Тој рече дека вакцината е само меѓу петте ВЛП кандидат-вакцини во светот кои достигнале фаза на клинички испитувања.
„Турската вакцина беше ставена на листата на Светската здравствена организација на кандидат-вакцините против Ковид-19 на 30 март“, додаде тој.
„Првата фаза на испитувања на вакцината, развиена од турските научници, професорот Мајд Гурсел и професорот Ихсан Гурсел, започна во март со 30 волонтери, додека во втората фаза учествуваа 349 волонтери“, изјави министерот.
Варанк рече дека се потребни повеќе доброволци за испитувањата во третата фаза.
„Наша цел е да го достигнеме потребниот број волонтери за испитувањата во третата фаза, што ќе започнат во септември, и да добиеме одобрение за итна употреба“, рече тој.
Во меѓувреме, вакцинацијата во Турција силно напредува, а министерот за здравство, Фахретин Коџа, денеска објави дека повеќе од 70 отсто од сите луѓе на возраст од 18 години и повеќе, досега примиле барем една доза вакцина против Ковид-19.