Dilara Zengin
04 Декември 2019•Ажурирај: 05 Декември 2019
ДОХА (АА) – Турскиот министер за индустрија и технологија, Мустафа Варанк, присуствуваше на подготвителниот состанок во Катар пред Самитот во Куала Лумпур што ќе се одржи на 18 и 21 декември, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ресорните министри на Турција, Малезија, Катар, Индонезија и Пакистан се состанаа во Доха неколку дена пред Самитот во Куала Лумпур, кој има за цел ревитализација на економските и социјалните аспекти на исламската цивилизација.
Министерот Варанк и во ноември учествуваше на подготвителните состаноци во Малезија. Овој пат во Катар ќе размени мислења со своите колеги пред започнувањето на Самитот во Куала Лумпур.
Варанк во изјавата за АА рече дека е започната иницијатива Самитот што се одржува неколку години со визијата на малезискиот премиер Махатхир Мухамед да прерасне во Самит на меѓувладино ниво.
-„Ќе се реализираат визионерски проекти“ -
Истакнувајќи дека претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, планира да присуствува на Самитот во Куала Лумпур, Варанк рече:
„Минатиот месец за подготовка на овој самит бевме во Малезија. Овој месец се состанавме со релевантните министри во Катар за да ги оцениме подготвителните активности за Самитот. Очекуваме да се реализираат возбудливи проекти. Билатералните односи со Малезија во последно време се многу подобрени. За време на посетата на нашиот претседател, ќе потпишеме договори што ќе ја зајакнат нашата билатерална соработка, особено во областа на одбраната. Несомнено е дека овие чекори ќе помогнат во растот на трговијата и трансферот на технологијата. Покрај тоа планираме да формираме центар на совршеност меѓу нашите истражувачки институти. На овој начин ќе можеме да реализираме заеднички проекти и заеднички инвестиции во областа на иновациите. Се работи и за партнерство во областа на медиумите за борбата против исламофобијата.“
- Средба на лидерите на исламските земји -
Самитот во Куала Лумпур ќе се одржи на 18 и 21 декември на тема „Приоритети за развој и области на делување“. За време на состаноците, ќе се дискутира за стратегијата за одржлив развој и ќе се развиваат решенија што ќе дадат резултати. На маргините на Самитот, исто така, ќе се потпишат билатерални и мултилатерални меморандуми за разбирање во области како што се одбраната, безбедноста на храната, младите, индустријата и технологијата.
Малезија заедно со Турција, Катар, Пакистан и Индонезија се одредени како водечки земји на Самитот. Се очекува на Самитот да присуствуваат околу 450 лидери и мислители од исламските земји.