Riyaz Khaliq
26 Март 2020•Ажурирај: 27 Март 2020
АНКАРА
„Амнести интернешнал“ денес ги повика нациите од Г20 пред нивниот состанок да ги мобилизираат своите ресурси за да ги заштитат најранливите од Ковид-19, јавува Агенција Анадолија (АА).
Лидерите на 20-те врвни светски економии, вклучувајќи ја и Турција, ќе одржат видео прес-конференција подоцна во текот на денот за да пристапат кон ситуацијата што настана како последица на пандемијата на коронавирусот.
„Одговорот на оваа пандемија мора да се заснова на соработка и поделба на ресурсите, затоа што само националните стратегии нема да бидат доволни“, соопштија од „Амнести интернешнал“, повикувајќи на координиран одговор во справување со Ковид-19, кој низ светот ги одзеде животите на повеќе од 21.000 лица во 175 земји и територии.
Директорот за истражување и застапување на „Амнести интернешнал“, Нетсанет Белај, изјави дека неадекватната здравствена нега во кој било дел од светот претставува ризик за сите и затоа мора да се постави правилно. „Брзото ширење на Ковид-19 ни покажа колку сме сите поврзани“, рече тој.
„Земјите од Г20 имаат многу финансиски мерки на располагање и мора да ги земат предвид сите. Ние ќе го победиме овој вирус заедно, за сите, или никако“, додаде Белај.
Повикувајќи на транспарентност во донесувањето на одлуката, „Амнести интернешнал“ соопшти дека сите мерки од Г20 мора да гарантираат пристап за сите до превентивна нега и добар квалитет и достапен третман, вклучително и за оние коишто се најризични.