ЦЕРСКА (АА) - Холанѓанката Моник Бергман неодамна објави фотографија направена во 1995 година, во Сребреница, на која во своите раце го држи момчето од Сребреница. По повеќе од 20 години, Бергман посака да дознае што се случило со него, дали го преживеал геноцидот во Сребреница и каде се наоѓа моментално.
Anadolu Agency (AA) објави приказна за потрагата по момчето од фотографијата на Холанѓанката, по што се вклучија голем број луѓе. Покрај сѐ, дојдовме и до момчето од фотографијата. Станува збор за 27-годишниот Хасан Мушкиќ, кој моментално живее во селото Мушкиќи во Церска.
Хасан, за време на војната во БиХ, 1993 година, на петгодишна возраст ја напуштил Церска со семејството и своето засолниште го пронашол во Сребреница. Тој успеал, како и неговите родители, браќа и сестри, да го преживее геноцидот во јули 1995 година, во Сребреница. Се вклучиле во еден од конвоите, и така дошле до слободна територија.
- Хасан знаел за фотографијата -
Го посетивме семејството Мушкиќ во Церска. Хасан е глувонем. Неговиот брат Шемсудин, со кој живее, вели дека отсекогаш сите го сакале Хасан. Фотографијата што Моник Бергман неодамна ја објави, Хасан на Шемсудин му ја покажувал и претходно. Се препознал себеси на таа фотографија меѓу бројните фотографии што ги споделувале луѓето на интернет-страниците.
„Бев во Германија тогаш. Брат ми ми испрати фотографија и под неа го напиша своето име. Веднаш знаев дека тој е на неа. Тој беше мило дете. Тоа го покажува и неговото пријателство со многу луѓе во Сребреница. И ден-денес, каде и да одиме, луѓето го препознаваат како момчето од Сребреница кое со сите се дружеше. Тој се дружеше и со странски и со наши војници. Хасан е навистина позитивна личност. Каде и да одиме, дури и во друштво со непознати лица, сите го сакаат”, вели Шемсудин додека крај него седи насмеаниот Хасан.
Тој нагласи дека во военото време во Сребреница, Хасан никогаш дома не доаѓал со празни раце.
„Секогаш имаше некакви подароци. Родителите на почетокот беа загрижени како доаѓа до тие работи, но подоцна сфативме колку луѓето го сакаат, го почитуваат и го ценат. Се сеќавам на еден момент кога отидов да го барам во градот. Кај стоковната куќа сретнавме еден војник што на сите нам ни даде едно чоколадо, само на Хасан две. Немаш леб да јадеш, а човекот ти дава чоколадо”, се присетува Шемсудин.
Моник е една од личностите што го симпатизираа Хасан. Хасан, со кого разговараме со помош на знаковен јазик, со помош на неговиот брат Шемсудин, вели дека се сеќава на таа жена, иако поминале многу години. Моник во главно ја гледав кај пекарата каде што доаѓав по леб.
- Цвет за леб -
„Се сеќава и на пекарата во која цвеќето го менувал за леб. На Хасан му е мило што Моник го бара и би сакал повторно да ја види”, вели Шемсудин толкувајќи ни го знаковниот јазик на Хасан.
Иако и во војната беше глувонем, Хасан успеваше да комуницира со сите.
„Се разбираше со раце. Тој не е роден како глувонем. Роден е како сосема нормално дете. Меѓутоа, уште кога бевме во Церска, тој имаше нешто на вратот. Имаше и зголемена температура. Во болница беше повеќе од еден месец. Таму го оперираа, а потоа ја изгуби способноста за говор и му ослабе слухот. Татко ми сакаше да испита што се случило. Требаше да оди за Белград, меѓутоа, веќе започна нетрпеливоста и не отиде”, вели Шемсудин.
Холанѓанката Моник Бергман од јануари до јули 1995 година беше припадничка на холандскиот баталјон во Поточари, каде што се грижеше за ранетите и за болните. Според нејзиното сведочење, Бергман се наоѓала во Поточари кога војската на Република Српска ја започнала акцијата за заземање на Сребреница.
„Бев во командата во Поточари кога Србите почнаа со гранатирање и кога сите бегалци дојдоа до нас да бараат засолниште. Видов многу ранети лица. Уништување, страв и главоболка. Во такви услови ги поминав последните денови во Поточари”, се присети Бергман.
Моник Бергман неодамна објави фотографија од завојуваната Сребреница, на која е со дете во своите раце. Таа изрази желба да го пронајде момчето од фотографијата, бидејќи и по повеќе од две децении, не ги заборавила Сребреница и луѓето што тогаш ги гледала и се дружела со нив.
news_share_descriptionsubscription_contact
