Süleyman Elçin
16 Февруари 2023•Ажурирај: 17 Февруари 2023
ХАТАЈ (АА) - СУЛЕЈМАН ЕЛЧИН -
Децата погодени од земјотресот со епицентар во турската област Кахраманмараш, кои престојуваат во шаторските градови во Хатај, се обидуваат да ја надминат траумата од земјотресот со активностите на волонтерски улични уметници, јавува Анадолу.
Членовите на Работилницата за улична уметност во Измир, Ердал Чобан, Енес Шахин, Есра Аккузу и Хани Синџар, кои се меѓу волонтерските тимови кои дојдоа во подрачјето по земјотресите што зафатија повеќе области во јужна Туркије, во првите денови учествуваа во активностите за пребарување и спасување во Антакија која се наоѓа во областа Хатај.
Потоа, членовите на групата тргнаа во акција за децата погодени од земјотресот и во моментов вршат активности во шаторските градови поставени во подрачјето од Управата за управување со катастрофи и вонредни состојби (АФАД) на Туркије.

Членовите на групата, кои еден по еден ги посетуваат шаторските градови, организираат разни игри и анимациски претстави, сликаат лица, танцуваат и се трудат да ја ублажат траумата на децата погодени од земјотресот.
Ердал Чобан, генералниот уметнички директор на уличната работилница, за АА изјави дека по земјотресот презеле акција со слоганот „Насмејте ги децата“.
Чобан рече дека по пристигнувањето во градот најпрвин учествувале во акциите за пребарување и спасување и дале поддршка за спасување на четири лица, а потоа тргнале во акција за децата кои престојуваат во шаторските градови.
Тој рече дека физички и психички најпогодени од земјотресот се децата.
„Колку што можеме, се трудиме да ја ублажиме траумата што ја доживеале децата. Се трудиме, колку и да е, да го заборават земјотресот. Пееме со нив. Играме со нив“, истакна Чобан.
Тој нагласи дека верува оти овие тешки денови ќе се надминат со духот на милосрдието и солидарноста на турскиот народ.
Според него, по градот Хатај ќе посетат и други места на шатори поставени во другите градови погодени од земјотресот.
Информирајќи дека на децата им подаруваат и играчки, балони и чоколади, Чобан рече:
„Истата задача ја извршивме и во земјотресите во Елазиг и Измир. Насмевките на децата ни се многу вредни. Мислиме дека уметноста може да се врши и на отворени простори, а не само меѓу четири ѕида. Затоа трчаме кон тие места каде што има катастрофи и каде што децата се во тешка ситуација во секоја област во земјата.“