АНКАРА (АА) - Во време кога судирите продолжуваат да се шират низ светот, новинарите се постојано изложени на опасност и закани додека ги извршуваат своите должности.
Турските новинари за Anadolu Agency (АА) зборуваа за нивните искуства во жариштата на немири, кои ги проживеале во текот на годините на нивната работа, нарекувајќи ги свои борби.
„Започнав да се занимавам со новинарство на Западниот Брег, токму од срцето на конфликтната зона“, изјави Едиз Тијансан, дописник на „ТРТ Ворлд“ (TRT World), првиот новински канал на Турција на англиски јазик, додаваќи дека седум години живеел во Израел и Палестина, најмногу во Рамала, Ерусалим (Кудс) и Газа.
„Со оган си играв 7-8 години“, рече Тијансен, потсетувајќи се на своите искуства.
„Понекогаш израелските војници директно користеа големо количество солзавец врз луѓето, отколку да го користат за да ја разбркаат толпата. Во чувствителните области постои ризик да бидеш застрелан или пак погоден од солзавец или канистри“, вели Тијансан.
Тој вели дека израелските војници еднаш посочиле црвена ласерска точка на неговиот камерман.
„Видов црвена ласерска точка на челото на мојот камерман. Испаничив, се свртев со рацете горе и извикував на еврејски: „Ние сме новинари! Не нѐ стрелајте", раскажа Тијансан.
Зборувајќи за своето искуство, Тијансан ја нагласи важноста од познавањето на јазикот и културата на локалното население, со цел да се избегнат поголеми потешкотии.
- Психолошки ефект -
Зборувајќи за тешките околности со кои се соочуваат новинарите, Тијансан, исто така се осврна на психолошкото влијание кое се јавува кај оние кои се сведоци на овие конфликти.
„Поминуваш денови под константни воздушни напади од страна на израелските сили. Тоа влијае на тебе психолошки. Се сеќавам на ракетите кои слетуваа една по друга веднаш зад мене на околу 200-300 метри оддалеченост“, раскажа Тијансан.
Исто така рече дека во 2014 година бил сведок на убиство на шест цивили, што влијаело врз неговото ментално здравје.
„Кога си таму надвор и гледаш како умираат луѓе, тешко е да останеш смирен“, се присети Тијансан.
- Либија -
Tијансан во своето споделување на искуствата од опасностите кои ги носи неговата работа, за АА изјави дека исто така бил и во Либија за да ги следи настаните за влијането на Арапската пролет во регионот.
Тој рече дека за време на неговото поминато време таму се наоѓал во првите редови каде што бил сведок на бомбардирања и мртви тела.
Истакна, исто така, дека новинарите во воените зони се изложени на опасност, бидејќи се сметаат за претставници на земјата за која работат.
Тој рече дека го доживеал тоа во Либија кога му било кажано да го тргне логото на ТРТ од неговиот микрофон.
- Важноста на обуката -
Зборувајќи за заштитата на новинарите во таквите региони, ги нагласи проблемите како што се одговорноста и должноста.
Рече дека поминал три вида обука, вклучувајќи прва помош, од која се здобил со потребните вештини за работа во критични области.
„Бев многу блиску до огнот и смртта“, рече Тијансан, нагласувајќи дека е особено важно да се биден свесен за тоа како да се реагира во опасните зони како новинар.
- Убиени 10 новинари во 2019 година -
Според Комисијата за заштита на новинарите (CPJ), најмалку 10 новинари низ светот се убиени досега во текот на оваа година. Досека се потврдени мотивите за убиствата на петмина, а за другите пет сѐ уште не се разјаснети.
CPJ е независна непрофитна организација која повеќе од 30 години ја промовира слободата на печатот низ светот, со одбор на истакнати новинари кои помагаат во водењето на нејзините активности.
Од организацијата се вели дека секоја година се нападнати, затворени или убиени стотици новинари, додека во периодот од 1992 до 2019 година 1.868 новинари ги загубиле своите животи.
Емин Сансар, кој работи како фоторепортер, за АА исто така ги нагласи опасностите кое ги носи новинарството.
„Стотици новинари се убиени од 2006 година. Новинарите не заземаат страни во конфликтите. Тие се неутрални. Сепак, тие стануваат цели“, изјави тој, нагласувајќи дека новинарите започнале да го губат својот имунитет особено во војната во Босна и Херцеговина, која започна во 1992 година.
„Никој, ниту една група во конфликтна средина не се грижи за логото на печатот на вашиот челичен елек или на вашиот шлем. Секој може да се гледа како непријател“, рече тој.
Потсетувајќи се на неговото поминато време во Сирија, Сансар изјави дека додека ги покривал настаните за операцијата „Штитот на Еуфрат“, патувал со командантите на Слободната сириска војска (ССВ), додека нивното возило било во заседа.
Сансар рече дека биле заглавени додека биле изложени на вкрстен оган.
„Немаше место да бараме засолниште - само каменито подрачје кое беше само 500 метри оддалечено од нас“, рече тој, додавајќи дека морал брзо да дејствува за да го спаси својот живот.
„Трчав најбрзо досега во мојот живот. Слушнав звуци од куршуми кои поминуваат покрај мене многу блиску. Тоа беа моменти на страв и возбуда. Чувствував вртоглавица. Мислев дека тука е мојот крај“, раскажа Сансар.
Тој рече дека новинарите, особено оние кои работат во критичните области, можат да бидат подложени на психолошки и физички напади.
„Ние сме изложени на сите видови насилство. Основниот принцип на еден новинар е да преживее, да добие информации и да пишува вести.“