АНКАРА (АА) - Јешим Серт Карааслан
Се дознава дека за околу шест отсто се намалени срцевите и кардиоваскуларните заболувања, појава на дијабетес од типот 2 и замастување на црниот дроб во земјите кои ја забранија употребата на трансмастите, што главно се наоѓаат во испечени, обработени и спакувани прехранбени продукти, како што се крекерите, чоколадите, бисквитите, мајонезот и чипсот, пишува Anadolu Agency (AA).
Професор д-р Окан Булент Јилдиз од Медицинскиот факултет за ендокринологија и метаболизам при Универзитетот „Хаџитепе“, во разговор со новинарот на АА информираше дека минатата недела, канадското Министерство за здравство официјално ја забрани употребата на хидрогенизираните (PHO) вештачки произведени трансмасти, и во овие рамки, тој потсети дека покрај забраната за употреба во прехранбените производи произведени во оваа земја, во забраната се вметнати и производите увезени од странство.
Јилдиз напомена дека трансмастите се забранети и во Соединетите Американски Држави (САД), истакнувајќи дека овој вид масти го зголемуваат ризикот од развој на хронични метаболички заболувања, првенствено на кардиоваскуларни болести, дијабетес од типот 2 и замастување на црниот дроб.
Во истражувањата во кои се разгледуваат глобалните заболувања, проф. д-р Јилдиз информираше дека е дојдено до заклучок дека зголемената употреба на индустриските трансмасти, секоја година предизвикува смрт на 540 милиони лица во светот. Тој рече дена трансмастите се добиваат по индустриски пат со хидрогенизација на незаситените растителни масти.
Проф. д-р Јилдиз информираше дека трансмастите се поевтини и подолготрајни од маслиновото масло кое претставува незаситена растителна маст. „Вештачките трансмасти се застапени во крекерите, чоколадото, кексот, колачите, мајонезот, чипсот и во голем број други обработени и спакувани прехранбени продукти. На етикетите од производите кои содржат трансмасти, стои ’хидрогенизирана растителна маст‘ или ’хидрогенизирана маст од растително потекло‘“, рече проф. Јилдиз.
- Светската здравствена организација има за цел потполна забрана на трансмастите
Проф. д-р Јилдиз рече дека се извршени голем број истражувања на светско ниво во врска со влијанието на трансмастите врз човековото здравје. „Од 1990 година наваму, забележано е дека со почетокот на употребата на трансмастите, зголемено е нивото на „лошиот“ холестерол LDL, а намалено е нивото на „добриот“ холестерол HDL. Употребата на трансмастите го зголемува ризикот од развој на хронични метаболички заболувања, како што се кардиоваскуларните болести, дијабетес од типот 2, замастување на црниот дроб“, изјави проф. д-р Јилдиз.
Во разговорот со проф. Јилдиз, тој информираше дека Светската здравствена организација (СЗО) планира до 2023 година во потполност да ја забрани употребата на трансмасти на светско ниво, и додаде:
„Додека не се постигне тоа, се препорачува потрошувачката на трансмастите од вкупната дневна потрошувачка на енергија да биде ограничена на помалку од еден отсто (при диета од 2.000 калории, да биде помала од 2,2 грама). Употребата на трансмастите во индустриските производи за првпат е забранета во Данска, Швајцарија и Исланд, во почетокот на 2000-тите години. Во спроведените научни истражувања, дојдено е до заклучок дека со забраната на користење на трансмастите, во овие земји се намалени често забележуваните кардиоваскуларни заболувања, а за шест отсто е намалена смртноста поврзана со овие заболувања.“
Проф. Јилдиз го посочи фактот дека досега, 45 земји во светот ја забраниле или ја ограничиле употребата на трансмастите, и истакна дека од месец јуни во САД, а од овој месец и во Канада, во сила стапи целосна забрана за употреба на трансмастите.
„Кога истовремено ќе се разгледаат 32 истражувања во врска со забраната на употребата на трансмастите спроведени во различни земји од 2000 година наваму, може да се забележи дека најдобар резултат во сочувувањето на здравјето е постигнато со забраната на употребата на трансмастите во исхраната. Додека со законски регулативи во потполност е постигната забрана за употреба на трансмастите, намалувањето на употребата на трансмастите, благодарение на информациите поставени на етикетите на производите, изнесува од 30 до 74 отсто, а со доброволни корекции од страна на производителите на храна, намалувањето на употребата на трансмастите изнесува од 20 до 38 отсто“, информираше проф. Јидлиз.
- Што претставуваат хидрогенизираните вештачки трансмасти?
Неприродните, во потполност вештачки трансмасти, се добиваат со загревање на течните растителни масти со хидроген (водород).
Овие масти кои некои производители ги претпочитаат поради ниската цена, особено се посочуваат како причина за прерана смрт. Најголема штета од овој вид масти е зголемувањето на LDL, кој е познат како „штетен холестерол“ и намалувањето на HDL, кој е познат како „добар холестерол“.
Научните истражувања покажуваат дека лицата со високо ниво на трансмасти во организмот се соочуваат со трипати поголем ризик од срцев удар од оние кои нормално се хранат.
Освен тоа, трансмастите го ослабуваат имунолошкиот систем и можат да предизвикаат болести, како што се дијабетес, загуба на мускулна маса, рак, прекумерна тежина, срцеви заболувања, стерилитет, нарушена работа на црниот дроб, Алцхајмер и Паркинсонова болест, нарушување на работата на клетките, зголемување на мастите во крвта, пад во квалитетот на млекото кај доилките и ризик од прекин на бременоста.
Хидрогенизираните масла, главно се користат во готовите печени компири, чипсот, крекерите, чоколадите, колачите и слични прехранбени производи.